Ahmet Gürhan Kartal
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
ЛОНДОН (АА) - Чекорот на британскиот премиер Борис Џонсон да ги спречи потезите за Брегзит преку суспендирање на работата на британскиот Парламент на пет недели, не е прашање за судовите да одлучуваат, истакна денес Шкотскиот суд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одбивајќи го случајот поднесен од над 75 пратеници, Шкотскиот суд соопшти дека одлуката на Џонсон за пророгирање (техничкиот термин за потегот) на Парламентот, не е во спротивност со владеењето на правото.
Судијата Рејмонд Доерти истакна дека прашањето не е прашање за судовите, туку дека е политичко прашање.
Одлуката дојде како удар за пратениците, кои изнаоѓаа начини да ја блокираат одлуката на Џонсон за суспендирање на Парламентот до 14 октомври, на околу две недели пред закажаното излегување на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ).
Одлуката на судот уследи по поразот на Џонсон во синоќешното гласање за Предлог-законот со кој му дава време на Парламентот.
Опозициките партии и околу 20 пратеници од владејачката Конзервативна партија кои гласаа за Предлог-законот ќе работат за негово прифаќање со кој не се дозволува Брегзит без договор на 31 октомври, крајниот рок кој ЕУ ѝ го даде на Велика Британија на барање на британската Влада.
Џонсон по синоќешниот пораз истакна дека Велика Британија ќе го напушти Блокот на 31 октомври, и дека доколку Владата биде поразена на гласањето кое на агендата е денеска, ќе поднесе предлог за предвремени избори.