Emre Aytekin
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Владата на Посебниот административен регион на Хонгконг соопшти дека ќе го повлече Нацрт-законот за екстрадиција во Кина, кој од почетокот на јуни предизвика масовни антивладини протести, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според весникот „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post) во Хонгконг, Кери Лам, челничката на извршната власт на Хонгконг, во текот на состанокот со законодавците на Законодавното собрание на Хонгконг и Кинескиот народен конгрес истакна дека ќе го повлече контроверзниот Нацрт-закон кој предизвика револт меѓу народот.
Лам нагласи дека ќе се формира истражен комитет за истражување на причините на социјалните немири кои се појавија заедно со протестите, и за наоѓање на препораки за можно решение.
Лам даде сигнал дека ќе бидат исполнети барањата на демонстрантите кои протестираат низ улиците на Хонгконг 13 недели.
Покрај повлекување на Нацрт-законот, демонстрантите бараат формирање на независен комитет за истражување на полициското насилство врз демонстрантите, амнестија за приведените демонстранти, да не се користи изразот „бунт“ за опишување на протестите, и повторно започнување на политичките реформи.
- Нацрт-законот за екстрадиција на осомничени лица во Кина -
На 3 април пред Парламентот во Хонгконг беше приложен Нацрт-закон со кој се олеснува екстрадицијата во Кина, во специјалниот административен регион Макао и Тајван, на лицата кои се осудени или обвинети за кривични дела.
Во Парламентот на Хонгконг избувна тепачка меѓу пратениците, кои се против законските измени, и оние што ги поддржуваат, при што беа повредени голем број пратеници.
Опозицијата смета дека со законската измена Хонгконг ќе ги загуби своите слободи, додека властите на Хонгконг сметаат дека оваа регулатива е потребна за екстрадиција на осомничен за убиство во Тајван.
Опозицијата стравува дека доколку овој закон биде усвоен, можно е опозицијата во Хонгконг да биде земена како цел од страна на Кина.
Челничката на извршната власт на Хонгконг, Кери Лам, претходно соопшти дека Законот довел до големи разлики во општеството и дека затоа е суспендиран. Демонстрантите истакнаа дека тоа не е доволно, и побараа целосно откажување на Законот.