Erbil Başay,Cüneyt Karadağ
27 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
БЕРЛИН
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија по рускиот напад на Украина одлучила да обезбеди дополнителен фонд од 100 милијарди евра за одбрана. Шолц порача дека Путин сака да ја избрише демократската и независна земја од картата на светот, дека тој нема преку ноќ да ја смени насоката, но дека Москва наскоро ќе почувствува колкава цена ќе плати, известува Агенција Анадолија (АА).
Шолц се обрати пред членовите на германскиот Бундестаг на седницата за Украина, а во текот на своето обраќање истакна дека одлучиле да ги зголемат издатоците за одбрана откако Русија ја нападна Украина.
„Формираме посебен фонд од 100 милијарди евра за одбрана. Средствата ќе ги искористиме за посебни инвестиции и проекти за вооружување“, рече Шолц.
Според овој план, германскиот канцелар најави дека отсега во одбраната секоја година ќе се вложуваат повеќе од 2 % од бруто-домашниот производ.
Наведувајќи дека се преземени мерки за заштита на слободата и демократијата, Шолц додаде: „Ќе мораме значително повеќе да вложуваме во безбедноста на земјата. Ова е голем национален напор.“
Шолц рече дека остро го осудува рускиот напад на Украина, додавајќи дека „светот веќе не е истиот како светот претходно“.
Зборувајќи дека Путин со овој напад „сака да ја избрише демократската и независна земја од светската карта“, оцени дека „Путин паѓа во офсајд во меѓународната заедница“.
- „Се наоѓаме на вистинската страна од историјата“
Шолц рече дека неговата земја ја поддржува Украина.
„Како демократи и Европејци, стоиме покрај вас (Украинците) на вистинската страна од историјата“, рече Шолц.
Истакнувајќи дека германската Влада вчера одлучила да испорача оружје за Украина, Шолц додаде: „Нема друг одговор на Путиновата агресија.“
- „Путин сака да воспостави Руско Царство“
Напоменувајќи дека ЕУ одлучила да воведе остри санкции кон Русија, а тоа вклучува и исклучување на одредени руски банки од финансискиот систем SWIFT, Шолц рече дека Путин нема да ја смени насоката преку ноќ, но дека „руската администрација наскоро ќе почувствува колкава цена ќе плати“.
Тој смета дека оваа војна ќе биде погубна за Украина, но исто така ќе биде и катастрофа за Русија, а порача дека ќе се „стори сè што е потребно за да се обезбеди мир во Европа“.
Истакнувајќи дека Путин сака темелно да ги реорганизира условите на европскиот континент онака како што мисли тој, Шолц рече: „За секој што ги чита Путиновите историзирани написи, го гледа неговото објавување војна во Украина или разговара со него со часови, како јас. Несомнено е дека Путин сака да воспостави Руско Царство.“
- „За Европа е важно да држи чекор со технологијата“
Шолц во продолжение зборуваше за потребата од донесување одлука за инвестиции. Тој истакна дека е важно тоа што Европа во технолошка смисла стои на нозе, да произведува нови генерации воени авиони и тенкови со европските партнери, особено со Франција.
„Овие проекти се наш главен приоритет“, посочи Шолц.
Потсетувајќи дека договорите за беспилотното летало (Europa dron) што ќе се произведува во Европа се потпишани оваа недела, германскиот канцелар рече дека продолжуваат со процесот на купување вооружени беспилотни летала „Херон“ од Израел.
„Нема да запреме додека не се воспостави мир во Европа“, додаде Шолц.
- „Дипломатските канали ќе останат отворени“
Наведувајќи дека дипломатските канали со Русија треба да се држат отворени, Шолц истакна: „Војната на Путин е пресвртница, исто така и за нашата надворешна политика.“
Најавувајќи дека Германија ќе формира стратешки резерви на природен гас, Шолц истакна дека ќе изградат два терминали за течен природен гас (LNG) што е можно поскоро.
Информирајќи дека терминалите ќе се градат во градовите Брунсбител и Вилхелмсхафен, Шолц соопшти дека ќе се создадат резерви од јаглен и од гас.
Поранешниот претседател, Јоахим Гаук, и украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник, ја следеа седницата за Украина во Бундестагот.