Ali Murat Alhas
27 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека без предуслови ќе биде одржан состанок со руската делегација на украинско-белоруската граница, известува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски денес најави дека делегацијата што ќе ја претставува неговата земја и руските официјални лица ќе се состанат на границата со Белорусија.
„Се договоривме украинската и руската делегација да се состанат без предуслови на украинско-белоруската граница, во близина на реката Припјат“, рече Зеленски.
Напоменувајќи дека тој потег следувал по неговиот разговор со белорускиот претседател Александар Лукашенко, Зеленски рече дека Лукашенко ќе обезбеди сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани во Белорусија да останат приземјени во текот на патувањето, разговорите и враќањето на украинската делегација.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, на 24 февруари објави дека започнал воена акција на територијата на Украина. Путин ја повика украинската Војска да го положи оружјето, тврдејќи дека негова цел е „да ги заштити луѓето кои се предмет на геноцид од страна на Киев и да ја ослободи Украина од нацизам и милитаризам“.
Западните сили воведоа финансиски санкции кон Москва и одлучија на Украина да ѝ помогнат во снабдувањето со оружје и муниција.
Најмалку 368.000 Украинци избегаа од земјата од почетокот на нападите, објави Агенцијата за бегалци на ОН.