Associated Press
16 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека одлуката на Германија повторно да ги активира електраните на јаглен и нафта за да се ублажи недостатокот на енергија поради војната во Украина е само привремена и дека неговата влада и понатаму е подготвена да стори ‘сѐ’ во борбата против климатската криза, известува Агенција Анадолија (АА).
Во саботната видеопорака Шолц изрази жалење поради одлуката на Германија да активира 16 неактивни електрани на фосилни горива и да ја продолжи работната дозвола за уште 11 електрани поради стравот од натамошно намалување на снабдувањето со гас од Русија.
„Горчлив е фактот дека поради бруталниот напад на Русија врз Украина сега мораме привремено да користиме некои електрани кои веќе ги исфрливме од погон. Но тоа е само на кратко“, рече Шолц.
Тој нагласи дека Германија останува посветена до 2045 година да стави крај на емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, во најкраток можен период од која било друга голема индустријализирана нација, потсетувајќи на неодамнешниот пакет мерки што германскиот Парламент го одобри за поттикнување на воведувањето извори на обновлива енергија.
„Сакаме да сториме сѐ што е во наша моќ во борбата против климатската криза“, рече германскиот канцелар.
Еколозите тврдат дека Владата може да стори многу повеќе, вклучувајќи и наметнување општо ограничување на брзината и ограничување на домашните летови поради заштедата на горива. Борците против климатските промени неодамна ги блокираа главните патишта во и околу Берлин, протестирајќи против плановите за нови нафтени и гасни проекти во Северното Море.
Шолц и министерот за енергетика на земјата, Роберт Хабек, го отфрлија продолжувањето на работниот век за трите преостанати германски нуклеарни електрани оваа година, тврдејќи дека со тоа не би се решиле германските енергетски потреби.