Elena Teslova
01 Ноември 2022•Ажурирај: 02 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, денес изјави дека 87.000 од 300.000 мобилизирани лица веќе се испратени во борбената зона во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот со воените началници во Москва, Шојгу рече дека регрутите, кои се пријавиле на воената служба во рамките на руската кампања за регрутирање на две години, нема да учествуваат во „специјалната воена операција“ на Русија во Украина.
„Во борбените подрачја по дополнителна обука и борбена координација се испратени 87.000 лица. На полигоните се привршува борбената координација на формираните единици.“
„Главните напори се фокусирани на теренската обука, способноста за користење средства за комуникација, навигација и извидување. Во работата беа вклучени повеќе од 3.000 инструктори кои добија борбено искуство за време на специјалната воена операција“, рече тој.
„Сите војници кои ја завршиле воена служба, ќе бидат испратени во домовите“, изјави Шојгу.
Министерот додаде дека странските платеници продолжуваат да учествуваат во војната на страната на Украина и дека во текот на изминатите две недели, речиси 200 од нив биле убиени во борбите во зоната на конфликтот.
Тој истакна дека секојдневните руски воздушни напади го намалуваат воениот потенцијал на Украина бидејќи ја погодуваат „критичната инфраструктура на непријателот“.
Според Шојгу, Киев одговара со „бескрајни напади“ врз нуклеарната централа Запорожје, местата за евакуација и местата на дистрибуција на хуманитарна помош.
Министерството за одбрана денес го најави почетокот на есенскиот воен рок во Русија.
Според соопштението на Министерството, годинава 120.000 лица треба да се пријават во војската за регрутација.
Во период од 21 септември до 28 октомври Русија изврши и делумна воена мобилизација, според која 300.000 регрути беа ангажирани во Армијата.
Шојгу во петокот изјави дека делумната воена мобилизација е завршена, а во понеделникот, портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, објави дека сите активности за мобилизација се завршени - воените комесаријати престанаа да издаваат и испраќаат известувања и се вратија на рутинската работа.