Emel Öz Gözellik
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
КОЛОМБО (AA) - Полицијата на Шри Ланка изведе упад во куќата за која добила дојава дека се кријат организаторите на неодамнешните терористички напади во оваа земја. Во размена на огнот убиени се најмалку 15 лица, меѓу кои и 6 деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на полицијата, Руван Гунасекара, изјави дека добиле дојава дека терористичките милитанти се кријат во една куќа. Полициските сили стигнале на адресата каде што дошло до размена на огнот.
По размената на огнот, полицијата во куќата пронашла тела на најмалку 15 лица, меѓу кои и 6 деца. Три осомничени лица се повредени.
Гунасекара наведува дека се претпоставува дека станува збор за организаторите на терористичките напади, извршени на 21 април, (недела) на католичкиот Велигден, врз неколку цркви и хотели во Шри Ланка, а во кои се убиени најмалку 253 лица.
Серијата бомбашки напади во Шри Ланка се случија на 21 април, на католичкиот празник Велигден. Цел на бомбашките напади беа три цркви во градовите Кочикаде, Негомбо и Батикалоа, и три лукзузни хотели „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри Ла“ во главниот град на Шри Ланка, Коломбо. Уште две експлозии одекнаа на периферијата на Коломбо.
Во терористичките напади, за кои се претпоставува дека ги извеле 9 лица, повредени се повеќе од 500 лица, а одговорност за нападите презеде терористичката организација ДЕАШ.