Mehmet Alaca
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
АНКАРА (AA) - Мехмет Алаџа -
Се проценува дека секоја година во светот на злоставување се изложени околу 40 милиони деца. Значителен број слуачи е забележан во земјите како што се Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Германија, Русија и Индија, јавува Anadolu Agency (AA).
Секоја година, милиони деца низ светот се изложени на различни видови злоставување, вклучувајќи физичко, сексуално, емоционално и економско.
И покрај мерките што се преземаат секојдневно, се зголемува процентот на злоставувањата.
САД, со најголемата светска економија, имаат многу лоши податоци кога е во прашање злоставувањето на децата. Според извештајот на Центарот за контрола и превенции на болести во САД, во 2017 година во таа земја се регистрирани околу 674.000 случаи на злоставување и занемарување на децата.
Во извештајот е нагласено дека 1.720 деца починале од последници на злоставување и негрижа, додека секое четврто дете е соочено со злоставување и занемарување.
Во САД, 48 отсто од жртвите се деца, а 52 отсто се девојчиња. Податоците говорат дека на секои 10 секунди некое дете е изложено на злоставување или било силувано.
Според податоците на Советот на Европа, секое петто дете во Европа е изложено на некаков облик сексуално насилство. Тука спаѓа сексуалното злоставување, детската порнографија, детската проституција, малтретирањето на интернет или сексуалното вознемирување.
Според зборовите на британскиот министер за внатрешни работи, Саџид Џавид, во 2018 година таа земја забележала 700-отстотно зголемување на насилство и сексуална содржина на интернет во последните пет години.
Австралија е една од земјите со најголем број случаи на злоставување на децата. Извештајот, кој Владата го објави во 2017 година, по петгодишното истражување, покажува дека злоставувањето на децата се одвивало и во некои институции во земјата.
Според податоците на Владата на таа земја, годишно се бележат околу 50.000 случаи сексуално насилство над децата.
Во последно време многу често е тема и злоставувањето на децата во католичките цркви.
Злоставувањата од свештениците педофили допрва почнуваат да добиваат национално внимание во Италија, каде свештениците се херои во тв-сериите и во местата каде се спроведуваат рекреативни програми за деца, бидејќи државните училишта тоа не го прават.
Судот во Мелбурн во март оваа година изрече шестгодишна затворска казна на австралискиот кардинал Пел, кој е осуден поради сексуално злоставување на две момчиња во 1990-тите години.
Освен него, поранешниот надбискуп во Вашингтон, Теодор Меккарик, даде оставка поради скандалот со злоставување малолетници.
Обвиненија за сексуално вознемирување и злоставување на децата првпат се појавија во 1950-тите години, но медиумите дури во 1980-тите години почнаа поопширно да ги следат таквите инциденти во црквите во Канада и Соединетите Американски Држави.
Случаите на педофилија кои се појавија во црквите во Аргентина и во Австралија во 1990-тите години уште повеќе го свртеа вниманието на светската јавност. Освен тоа, виенскиот надбискуп во 1995 година поднесе оставка поради тврдења за сексуално злоставување, што тогаш предизвика шок во јавноста.
Прашањето на сексуално злоставување во црквите почна да се разгледува на глобално ниво, откако во црквите во Ирска кон крајот на 1990-тите години се забележани скандали во врска со сексуално злоставување на децата.
Светската јавност остана особено шокирана кога е откриен скандалот за сексуално вознемирување во Бостон, САД, во 2002 година, кога поранешниот свештеник Џон Гоган сексуално вознемирувал повеќе од 130 деца во периодот од 1962 до 1995 година.
Тогашниот кардинал на подрачјето, Бернард Лав, беше цел на жестоки критики на јавноста откако се обиде да го сокрие скандалот, иако беше запознат со овој случај. Американскиот весник „Бостон глоуб“ (Boston Globe) детално го следеше овој случај за кој во 2015 година е снимен дури и филм „Под лупа“ (Spotlight).
Според истражувањето кое го спроведе Џон Џеј Колеџ во 2004 година, помеѓу 1950 и 2002 година повеќе од 4.000 католички свештеници беа обвинети за сексуално злоставување на 10.667 деца.