Giovanni Legorano
08 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
РИМ (АА) – Штрајкот на национално ниво на аеродромскиот персонал во Италија денес доведе до откажување на голем број летови, соопштија авиокомпаниите и аеродромските претставници, јавува Анадолу.
На аеродромот „Малпенса“ во Милано откажани се 60 летови, додека на „Линате“, другиот аеродром во северниот италијански град, откажани се 20 летови, соопштија аеродромите. Во Венеција се откажани уште 20 летови.
На аеродромот „Катанија“ откажани се 12 летови, додека други осум се одложени.
Националниот авиопревозник ИТА ервејс соопшти дека откажал 30 домашни летови кои треба да сообраќаат денес, од кои 11 биле од римскиот аеродром „Фиумичино“.
Авиокомпанијата објави дека ги префрла патниците на другите летови и дека како резултат на тоа 55 отсто од патниците ќе можат да бидат опслужени.
Синдикатот CUB Trasporti, организаторот на штрајкот, рече дека бара повисоки плати и се пожали дека работното време е зголемено без соодветно зголемување на платите.