Şenhan Bolelli
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Шпанските таксисти одржуваат 24-часовен штрајк против фирмите што обезбедуваат транспортни услуги преку интернет, под образложение дека тие се нелојална конкуренција, јавува Anadolu Agency (AA).
Штрајкот во Шпанија започна во 06.00 часот по локално време и забележано е високо учество на таксистите на ниво на целата земја. Се соопштува дека услуги ќе бидат давани само во итни случаи. Ова е 6. пат годинава таксистите да штрајкуват поради истата причина, со барање да не им се издава лиценца за работа на фирмите што нудат услуги преку интернет.
Повеќе илјади таксисти од цела Шпанија пристигнаа во главниот град Мадрид, и уште од раните утрински часови, во знак на протест, формираа долги колони на главните сообраќајници, обидувајќи се да го забават сообраќајот во градот. Подоцна, во центарот на градот демонстрираа околу 20.000 таксисти.
Полицијата презема силни мерки во обезбедувањето на таксистите кои пешачеа до плоштадот Нептун, кој се наоѓа во близина на зградата на Парламентот. Поддршка на шпанските таксисти им дадоа претставниците од тој сектор од Франција, Португалија, Белгија.
Еден од таксистите кој учествуваше на демонстрациите во Мадрид, изјави за АА: „Владата веќе треба да го чуе нашиот глас. Не треба да дозволи да се растурат 100.000 семејства чија егзистенција зависи од такси услугите. Веќе не е одржлива постоечката ситуација. Доста беше. Такси услугите се јавни услуги и треба да се заштитат. Продолжуваме со нашите дејствија сѐ додека не запре неправдата што ни се нанесува“.