Ruslan Rehimov
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
БАКУ (АА) - Азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, изјави дека градот Шуша, ослободен од ерменската окупација, е прогласен за „културна престолнина“ на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алиев преку видеоконференција одржа состанок со министерот за култура, Анар Керимов.
Потсетувајќи дека Азербејџан има богата култура, Алиев му даде инструкции на Керимов за заштита и зачувување на културата и јазикот.
Алиев, потсетувајќи дека оваа година ќе се прославува 880-годишнината од раѓањето на славниот азербејџански поет и филозоф Низами Генчеви, рече дека 2021 година е прогласена за „година на Низами“.
Алиев, осврнувајќи се на важноста за зачувување и заштита на уметноста, како и на мугам (азербејџанска народна музика), ашиклик (литературен термин, каде што поетот ги пее љубовните стихови со инструментот саз) и ткаењето килими, рече дека исто така треба да се заштитат верските и архитектонските структури.
Азербејџанскиот претседател посочи дека повеќе од 60 џамии биле уништени на териториите што беа под окупација на Ерменија. „Ниту една меѓународна институција не ја осуди Ерменија во врска со тоа прашање. Ние ги штитиме ерменските цркви. Ние немаме никаков проблем со ерменскиот народ и Ерменците што живеат во Азербејџан се наши граѓани. Денес сум сигурен дека Ерменците што живеат во регионот Карабах сфаќаат дека може да живеат нормално во азербејџанската држава.“
Истакнувајќи дека нивната главна задача е да ги обноват историските и културните споменици, уништени од страна на Ерменците, во согласност со нивните оригинали, Алиев рече:
„Ја прогласувам Шуша за главен град на азербејџанската култура. Градот Шуша го заслужува ова. Мислам дека може да се смета за културен главен град и во регионот, не само во Азербејџан. Културниот живот на Шуша треба да биде богат. Веќе започнаа работите за реставрација на Шуша. Со мои инструкции таму е пратена многубројна делегација. Шуша треба да биде обновена во согласност со оригиналот без да се губи време и без да се брза.“
Покрај тоа што е симбол на азербејџанската историја и култура, Шуша е стратешки важен град поради својата доминантна географска положба во регионот и поради тоа што се наоѓа на патот што води кон Ханкенди, најголемиот град во Нагорно Карабах.
Градот Шуша беше окупиран од ерменските сили на 8 мај 1992 година. Азербејџанската Армија ја ослободи Шуша од окупацијата на 8 ноември.