Alperen Aktaş
11 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Операторот на јапонската нуклеарна централа Фукушима Даичи денес соопшти дека првиот круг од испуштањето во морето на пречистената отпадна вода е завршен, јавува Анадолу.
Токио Електрик Пауер Компани (ТЕПКО), операторот со централата, истакна дека првите количини, околу 460 тони третирана вода дневно, биле испуштени во морето, додавајќи дека според планираното вкупно биле испуштени 7.800 тони вода - еквивалент на 10 полни резервоари од централата.
Испуштањето на пречистената отпадна вода започна на 25 август, што предизвика реакции од Кина и опозициските партии во Јужна Кореја.
Пекинг воведе целосна забрана за морска храна од Јапонија.
ТЕПКО соопшти дека за второто испуштање три недели ќе ги проверува капацитетите и повторно ќе го започне процесот.
До следниот март операторот со централата планира да спроведе четири круга на испуштање вода, односно вкупно 31.200 тони, што е еквивалентно на околу 40 полни резервоари.
Во нуклеарната централа Фукушима, 1,3 милиони тони третирана вода се складирани во над илјада резервоари.