Hamdi Yıldız
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
ЏАУФ (AA) - Најмалку 15 лица загинаа во експлозија на складиште со оружје во подрачјето на Џауф, во североисточен Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на шестото воено подрачје при владините сили, Абдулах ел-Ешреф изјави дека синоќа избил пожар во куќата на еден трговец со оружје. Станува збор за подрачје коешто е под контрола на јеменското бунтовничко движење на Хусите и соборениот претседател Али Абдула Салех.
За време на пожарот дојде и до експлозија, во којашто животот го загубија 15 лица. Ранети се голем број цивили. Ешреф потври дека ранетите се сместени во локалните болници.
Еден жител изјави дека во куќата во којашто настана пожарот и експлозијата се наоѓало големо количество бензин. Експлозијата се случила во момент кога жителите и трговецот со оружје се обиделе да го изгаснат пожарот.
На подрачјето на Џауф, неколку лица се занимаваат со трговија со оружје и често се случуваат експлозии.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза којашто кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и Конгресот што го води соборениот претседател Али Абдула Салех, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Абд Рабух Мансур Хади и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија. Јужниот град на Аден моментално е административен центар на меѓународно признатата јеменска Влада.
Конфликтите во Јемен дополнително ескалираа во март минатата година, кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници започна да извршува воздушни напади на позициите на бунтовниците.
Двата круга од мировните преговори под покровителство на ОН не резултираа со решение на конфликтот во кој, според извештаите на ОН, загинаа повеќе од 10.000 лица.