Laith Joneidi,Hacer Başer
06 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
АМАН
Во јорданскиот град Џераш, со нож била нападната група странски туристи, при што се повредени осум лица, јавува Anadolu Agency (AA).
За јорданската државна телевизија изјава даде министерот за здравство, Саад Џабир, кој информираше дека северно од главниот град Аман, во градот Џераш неидентификувано лице извршило напад со нож во кој се повредени осум лица, од кои четворица се туристи.
Министерот Џабир соопшти дека четворица од префрлените во болница се наоѓаат во критична состојба, по што не даде повеќе информации.
- Меѓу повредените туристи тројца се Мексиканци и еден е Швајцарец
Јорданската администрација за јавна безбедност соопшти дека меѓу повредените туристи, тројца се Мексиканци, а еден е државјанин на Швајцарија.
Во соопштението се наведува дека меѓу четворицата повредени Јорданци, двајца се припадници на безбедносните сили, а преостанатите двајца се туристички водич и возач на автобус, и дека напаѓачот е приведен.