Daniel Gallego
09 Јули 2017•Ажурирај: 10 Јули 2017
ТАИЗ (АА) - Јеменската покраина Таиз претставува средиште на жестоки судири меѓу провладините сили и бунтовниците Хуси, а се повеќе човечки животи во тој регион носи и епидемијата на колера, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најмалку 165 лица се убиени, а 426 се ранети во јунските судири во Таиз. Најмалку 588 деца останаа без родители”, се наведува во извештајот на Коалицијата за хуманитарни активности во тој регион.
Истиот извор јавува дека минатиот месец во Таиз од колера починале најмалку 86 лица.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна кога бунтовниците, предводени од шиитското движење на Хусите, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Абд Рабу Менсур Хади и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија, а јужниот град Аден моментално е административен центар на меѓународно признатата јеменска влада. Судирите во Јемен додатно ескалираа во март минатата година кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници започна со воздушни напади врз позициите на бунтовниците во Јемен.
Двата круга мировни преговори под покровителство на ОН не резултираа со решавање на кризата во Јемен.