Doğa Kırmızıoğlu
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
АНКАРА
Во натпреварот од полуфиналето на Копа Америка 2021 меѓу Колумбија и Аргентина, што во регуларниот тек заврши без победник 1:1, по изведувањето на пеналите Аргентина ја совлада Колумбија со 3:2 и се пласираше во финалето каде што ќе игра против Бразил, известува Агенција Анадолија (АА).
Во полуфиналето на Копа Америка, што Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) го организира во Бразил. се сретнаа репрезентациите на Аргентина и Колумбија.
Натпреварот се одигра на стадионот „Мане Гаринча“. Аргентина уште од самиот почеток изврши притисок на противничкиот гол и веќе во 7. минута поведе со 1:0 со голот на Лаутаро Мартинез. Со овој резултат се замина на полувреме.
Играјќи поагресивно во второто полувреме, Колумбија го изедначи резултатот на 1:1 со голот на Луис Дијаз во 61. минута. Регуларниот тек од натпреварот заврши со овој резултат, по што се премина на изведување пенали.
По изведувањето на ударите од белата точка Аргентина ја совлада Колумбија со 3:2 и избори пласман во финалето на Копа Америка, каде што ќе игра против Бразил.
Во борбата за третото место на Копа Америка се среќаваат репрезентациите на Колумбија и Перу. Натпреварот се игра во сабота, 10 јули, со почеток во 2:00 часот.
Дуелот меѓу Бразил и Аргентина ќе се одигра на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро во недела, 11 јули, со почеток во 2:00 часот.