Ivana Ramadanova
18 Август 2016•Ажурирај: 19 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Оваа сабота во Охрид ќе се оддржи јубилејното, 30-то издание на Охридскиот пливачки маратон – најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа година на јубилејното издание ќе се натпреваруваат осумнаесет натпреварувачи од кои девет мажи и девет жени кои во саботата точно на пладне ќе влезат во водите на Охридското Езеро.
Охридскиот маратон, што се одржува во организација на Пливачката Федерација на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА). Како и секоја година, така и оваа, ќе се плива на патеката „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс „Св.Наум“ до Градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри.
Минатата година победник на Охридски маратон беше македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев, кој направи историски успех за Македонија. Имено, тој беше првиот Македонец кој победил на Охридскиот маратон.
Поп Ацев оваа година ќе се обиде да го задржи тронот, на кој се надеваат дека ќе се искачат и останатите двајца Македонци кои што ќе ја пливаат патеката во Охрид, Томи Стефановски и Александар Илиевски. Конкуренцијата оваа година во машка и женска конкуренција ќе ја сочинуваат натпреварувачи од Италија, Бразил, Русија, Германија, Чешка, Хрватска, Венецуела и други земји.
Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54(95) часа.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.