Ivana Ramadanova
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на активностите за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Макеоднија (АРМ), денеска во Домот на АРМ во Скопје беше промовирана монографијата „Воени генерали во Македонија (1941-2017)“ од страна на генералите во пензија, Мирослав Стојановски и Борис Стојаноски, јавува Anadolu Agency (AA).
Според aвторот на монографијата, генералот во пензија Мирослав Стојановски, денеска се заокружува еден процес кој, како што вели, започна со идеја за давање придонес за одбележувањето на 25 годишниот јубилеј на армијата, а тој процес е токму промоцијата на монографијата.
„Монографијата претставува едно ексклузивно дело кое содржи многу биографски и други податоци за 90 генерали, колку што има во поновата историја на Република Македонија, поточно во периодот од 1941 до 2017 година. Она што мора да се спомене е дека нашата главна цел е на едно место да се соберат податоци за една специфична општествена група. Се работи за генерали кои во својот работен век не дале придонес само во професионалниот развој, туку и во општестевениот живот во државите каде што живееле“, вели Стојановски.
Тој истакна дека на овој начин се дава придонес и за афирмацијата на Здружението, кое заслужува поголемо внимание и ангажман во општеството, односно на ангажирањето од страна на надлежните институции кои имаат одговорности во одбранбениот и безбедносниот сектор.
Монографијата е во издание на здружението „Клуб на генерали на Република Македонија“, а е поддржана од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, како значајна публикација за воената историја на Република Македонија.
На промоцијата присуствуваше и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, заменик-министерот за одбрана Беким Максути, поранешни министри и началници на Генералштабот на АРМ, претставници на Асоцијацијата на воени аташеа, голем број високи воени раководители и претставници од Министерството за одбрана и АРМ, како и членови на клубот на генерали.