Dejan Maksimovic
16 Јули 2020•Ажурирај: 16 Јули 2020
МАНЧЕСТЕР
Жузеп Пеп Гвадиола, менаџерот на Манчестер Сити, рече дека не може да го убеди 34-годишниот сонародник Давид Силва да остане во клубот откако Шпанецот синоќа имаше клучна улога во триумфот од 2:1 против Борнмут, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Силва одлучи 10-годишната успешна авантура во Манчестер Сити да ја заврши на крајот од сезонава. Силва, кој со „граѓаните“ освои 4 титули шампион на Англија, на синоќешната средба постигна погодок од слободен удар и му асистираше на Габриел Жезус за вториот погодок на „граѓаните“ на „Етихад“. По натпреварот Гвардиола истакна дека не може да го убеди Силва да го продолжи договорот.
„Реши да си замине. Го рече тоа многупати. Мислам дека сака да заврши по 10 сезони изминати тука. Тој е во неверојатна топ-форма откако се вративме во натпреварувањето по прекинот. Одигра уште еден извонреден натпревар и повторно постигна фантастичен погодок, и тоа втор по ред. Се надевам дека ќе се врати на прошталниот натпревар кој го заслужува повеќе од сѐ“, изјави Гвардиола за британските медиуми.
Силва својата професионална кариера ја започна во Валенсија, која во младинските години го изнајмуваше на Ејбар и Селта. Во Манчестер Сити доаѓа во 2010 година, и оттогаш има одиграно 431 натпревар, постигнувајќи 76 погодоци.
Во дресот на репрезентацијата на Шпанија, со која беше и светски и двапати европски шампион, настапи 125 пати, постигнувајќи 35 погодоци.