Hilmi Sever
16 Јули 2020•Ажурирај: 17 Јули 2020
ИСТАНБУЛ
- Хилми СЕВЕР
Фудбалскиот клуб Медипол Башакшехир е на чекор до освојувањето на титулата првак на Турција, а ако тоа се случи, тогаш дури 23 играчи по првпат ќе станат државни прваци на оваа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипата на Башакшехир која е лидер на табелата, во случај овој викенд да го победи Трабзонспор, ќе ја освои титулата првак на Турција за сезоната 2019/2020.
Прославата во Башакшехир без сомнение ќе биде огромна, знаејќи дека дури 23 играчи во тој клуб за првпат имаат можност да го освојат турското првенство, а тоа се: Един Вишча, Махмут Текдемир, Ирфан Џан Кахвеџи, Александру Епуреану, Гаел Клиши, Мартин Шкртел, Жуниор Каисара, Енцо Кривели, Елјеро Елиа, Робињо, Даниел Алексиќ, Беркај Озџан, Волкан Бабаџан, Фредрик Гулбрандсен, Окечукву Азубуике, Азиз Ералтај, Карлос Понк, Мигуел Виеира, Мерт Вурак, Ахмет Саид Киванч, Мухамет Арсланташ, Јунус Емре Балоглу и Мухамед Емин Сарскаја.
Само петмина фудбалери во Башакшехир претходно имале можност да го освојат Турскиот фудбалски шампионат со некој од турските клубови.
Тоа му успеало на Мехмет Топал, двапати, и тоа со Фенербашче и Галатасарај, на Демба Баи еднаш со Бешикташ, на Мерт Ѓуноку двапати со Фенербахче, на Угур Учар двапати со Галатасарај и на Ѓокан Инлер еднаш со Бешикташ.
Седум фудбалери од редовите на Башакшехир освоиле шампионати со клубови во лигите од другите земји. Един Вишча двапати беше шампион на БиХ со Железничар.
Најбогата статистика во редовите на Башакшехир има Бразилецот Робињо, кој досега успеал да ги освои шампионските титули во четири земји. Тој двапати ја освои титулата првак на Шпанија со Реал Мадрид, но и со Сантос во својата татковина, а по еднаш во Италија со Милан и со Гуанџоу Евергранд во Кина. Сѐ укажува на фактот дека викендов е можно Турција да биде петтата земја во која Робињо ќе ја освои титулата државен првак.