Fatih Erel
08 Февруари 2025•Ажурирај: 09 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА)
- Фатих ЕРЕЛ
Организацијата „Супербол“, која ќе го одреди шампионот на Американската фудбалска лига (НФЛ) - рагби, се очекува да има влијание од 500 милиони долари врз економијата на земјата, пишува Анадолу.
Најгледаната и најголема спортска организација во САД - Суперболот, што годинава ќе се одржи по 59-ти пат, се игра в понеделник, 10 февруари, со почеток во 00:30 часот по средноевропско време, во „Сизарс супердоум“ во Њу Орлеанс, Луизијана.
Натпреварот, кој се очекува да го следат повеќе од 100 милиони луѓе во САД, на стадионот ќе го следат 83.000 навивачи.
На натпреварот што ќе го одреди сопственикот на трофејот Ломбарди за 2024 година во НФЛ, Канзас Сити чифс, кој победи во Американската фудбалска конференција (АФЦ), ќе се соочи со шампионот на Националната фудбалска конференција (НФЦ), Филаделфија Иглс.

- Економско влијание од 500 милиони долари -
Се проценува дека економското влијание на Супербол ќе изнесува 500 милиони долари.
Организацијата ќе има економско влијание во многу категории, вклучително и приходите од маркетинг и рекламирање, продажба на билети и дресови на стадионот, како и приходи од храна и пијалаци, покрај приходите од емитувањето на натпреварот, кои вклучуваат приходи од ТВ-организации со локални и меѓународни права за емитување.
Просечната цена на еден билет пред одигрувањето на Супербол-натпреварот достигна 11.000 долари. Тоа значи зголемување на цените на билетите за 17 % во однос на 2024 година.
Просечната цена на билетот во последните пет години е 7.584 долари. Највисоката сума некогаш платена за само еден билет изнесувала 45.000 долари.
- „Нездрава“ спортска вечер во САД -
Ноќта на одигрувањето на Супербол-натпреварот е забележена како втор ден со највисока потрошувачка на храна во САД, по Денот на благодарноста.
Се очекува повеќе од 100 милиони Американци, кои ќе ја следат организацијата на овој спектакл, да консумираат во просек по 6.000 калории од производи за брза храна на денот на натпреварот. Со други зборови, тие ќе консумираат приближно двојно повеќе од количината на храна што би ја консумирала здрава личност. Вечерта за време на одигрувањето на Супербол-натпреварот се очекува да се потрошат 5.000 тони чипс.
Од тој аспект, на Супербол-натпреварот се гледа и како на нездрава спортска организација за гледачите.
- Вкупното времетраење на рекламите изнесува 43 минути и 45 секунди -
Во анкетите, 17 % од гледачите велат дека рекламите се најдобриот дел од настанот.
Цената на реклама од 30 секунди за емитување за време на овогодинешниот Супербол е 7 милиони долари.
Вкупното времетраење на рекламите за време на Супербол-натпреварот ќе изнесува 43 минути и 45 секунди.