Diyar Güldoğan
07 Јули 2017•Ажурирај: 09 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Израел треба да ги преиспита понатамошните планови за изградба на станбени единици во Источен Ерусалим, соопшти ЕУ денес, јавува Anadolu Agency (AA).
„Политиката за населување е илегална во рамките на меѓународното право, и нејзиното продолжување ја поткопува можноста за дводржавно решение, како и изгледите за долготраен мир“, се вели во соопштението од канцеларијата на шефот за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Израелските власти издадоа дозволи за израдба на над 1.500 станбени единици во окупираниот Источен Ерусалим, се вели од ЕУ.
„Наводно, се очекува понатамошните планови за населување да напредуваат, вклучително и во палестинската населба Шеик Џара. ЕУ очекува израелските власти да ги преиспитаат овие одлуки“, се додава во соопштението.
Израел го окупираше Западниот Брег (заедно со Источен Ерусалим) за време на војната на Блискиот Исток во 1967 година. Подоцна, во 1980 година го анектираше градот тврдејќи дека е главен град на еврејската држава, во потег кој никогаш не беше признаен од страна на меѓународната заедница.
Меѓународното право гледа на Западниот Брег и на Источен Ерусалим како на окупирани територии и смета дека целата еврејска активност за градење населби во земјата е илегална.
Палестинците го обвинуваат Израел дека води агресивна кампања за „јудаизација“ на историскиот град, со цел да го отстрани неговиот арапски и исламски идентитет и да ги протера палестинските жители.