Elvir Hociç
06 Јули 2016•Ажурирај: 06 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Вечерва со првиот полуфинален натпревар, во кој силите ќе ги одмерат репрезентациите на Португалија и Велс, започнува завршницата на Европското првенство во фудбал кое се одржува во Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Дуелот меѓу Португалија и Велс ќе се одигра на градскиот стадион во Лион со почеток во 21.00 часот, а правдата на теренот ќе ја дели судијата Јонас Ериксон од Шведска.
Публиката се надева на интересна фудбалска претстава, во која за првпат на еден официјален натпревар, силите ќе ги одмерат репрезентациите на Португалија и Велс, кои досега одиграле само три пријателски натпревари.
Португалија до полуфиналето дојде со одиграни три нерешени натпревари во групната фаза, со победа во продолжението против репрезентацијата на Хрватска, и со победа над Полска по подоброто изведување на пеналите, откако натпреварот заврши нерешено по одиграните продолженија.
Од друга страна, Велс е прва репрезентација која на својот прв настап на Европско првенство успеала да се пласира во полуфуналето од 1992 година досега, кога тоа и успеа на репрезентацијата на Шведска.
Поради два жолти картони вечерва во репрезентацијата на Португалија нема да настапат Вилијам Карваљо, додека во репрезентацијата на Велс нема да настапат Бен Дејвис и Арон Ремзи.
Тоа ќе биде интересен дуел меѓу двајцата фудбалери на Реал Мадрид во улога на капитени на две репрезентации, Кристијано Роналдо од една страна и Герет Бејл од друга страна. По победата на Португалија над Хрватска во осминафиналето, вниманието на светската јавност ја привлече сцената кога Роналдо го теши расплаканиот соиграч од Реал, Лука Модриќ. Вечерва ќе биде интересно по натпреварот да се види кому ќе му припадне честа да го теши својот клубски соиграч во дуелот меѓу Роналдо и Бејл.
Откако стана првиот голгетер во историјата кој постигнал погодоци на четири ЕУРО турнири, Роналдо во вечерниот натревар влегува со вкупно осум погодоци постигнати на европските првенства и има можност да го достигне или надмине најдобриот стрелец на Европските првенства, Мишел Платини, кој има постигнато девет голови.