Elvır Hodzıc
12 Август 2024•Ажурирај: 13 Август 2024
САРАЕВО (АА) - Со спектакуларна церемонија на националниот стадион Стад да Франс синоќа беа затворени 32. Олимписки игри во Париз, јавува Анадолу.
Последното доделување медали традиционално е резервирано за церемонијата на затворање, а од 1896 година досега тоа место е резервирано за машкиот маратон. Сепак, женскиот маратон имаше предност во Париз и првпат маратонките добија чест да добијат медали на свечената церемонија.
На свеченото затворање на Игрите настапија многу познати уметници, како Снуп Дог, Били Ајлиш, групата Ред Хот Чили Пеперс и актерот Том Круз, кој во холивудски стил скокна од покривот на стадионот и симболично го носеше олимпиското знаме на САД, домаќин на следните Олимписки игри.
Интересно е тоа што во видеомонтажата од најважните моменти од отворањето се изоставени сцените од контроверзната Тајна вечера. На видеомонтажата од свеченото отворање се гледаат чамци на Сена, велосипедисти и голем број учесници во сложената програма, но беа испуштени сцените што беа критикувани дека се пародија на Тајната вечера.
Публиката особено уживаше во акробатскиот лет на авионите што испуштаа чад во боите на француското знаме, како и во спектакуларниот огномет и светлосните илуминации.
Најуспешна нација на Олимпијадата во Париз беа САД со 126 освоени медали и тоа: 40 златни, 44 сребрени и 42 бронзени, а потоа следуваат Кина со 91 медал (40 златни, 27 сребрени и 24 бронзени) и Јапонија со 45 медали (20 златни, 12 сребрени и 13 бронзени).
Најуспешна од регионот беше Србија со три златни, еден сребрен и еден бронзен, а Хрватска освои два златни, два сребрени и три бронзени. Косово освои еден сребрен и еден бронзен медал.
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, му се заблагодари на домаќинот Франција и на секоја од 206 репрезентации што донесоа околу 10.500 спортисти на Олимпијадата во градот на Сена.
„Овие игри беа поинклузивни од претходните, тоа беа први игри со родова еднаквост. Тие беа сензационални од почетокот до крајот. Тие беа Игри на новата ера. Затоа им благодарам на нашите француски пријатели и домаќини“, рече Бах.
Игрите беа затворени со интонирање на олимписката химна, спуштање на знамето и гаснење на олимпискиот оган во Париз.
Следните Летни олимписки игри ќе се одржат во Лос Анџелес за четири години, а организаторите вечерва свечено го презедоа олимпиското знаме со интонирање на американската химна.