Michael Hernandez
28 Јули 2016•Ажурирај: 30 Јули 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Пред почетокот на најголемиот спортски натпревар, Олимписките игри, кои на 5 август почнуваат во Рио де Жанеиро, сите очи на јавноста се вперени во атлетската ѕвезда, односно најбрзиот човек на светот, Јамајчанецот Болт, пишува Anadolu Agency (AA).
Болт, сопственикот на шест олимписки златни медали (по две на 100 метри, 200 метри и четирипати на 100 метри), е далеку од шпекулациите за допинг поради сѐ поголемите скандали од тој тип што ги зафаќаат атлетичарите.
Пред почетокот на Олимпијадата, тој самоуверено изјави: „Знам дека на спортот му е потребна мојата победа и сигурно нема да изгубам ниеден златен медал“.
Освојувачот на три златни медали на Олимпијадата во Пекинг 2008 година, истиот успех го повтори четири години подоцна во Лондон, со што стана првиот олимписки натпреварувач кој успеа да оствари победи една по друга на трките на 100 и 200 метри.
Иако е рекордер на споменатите трки, тој најави повлекување за 2017 година.
Додека Болт стои запишан со златни букви во историјата на атлетиката, многу млади ѕвезди на претстојната Олимпијада би можеле да остварат забележителни резултати.
Меѓу нив е и 21-годишниот Американец, Трејвон Брумел, спринтер кој ја воодушеви својата нација завршувајќи ја трката минатата година на второ место, за 9,84 секунди, во полуфиналето на државното првенство.
Гатлин, од друга страна, се врати на атлетиката по повеќегодишната забрана за учество, поради допинг, и така стана најголем конкурент на Болт.
Кога станува збор за другите тркачи, Кениецот Дејвид Рудиша верува дека ќе може да го освои златниот медал откако го постави светскиот рекорд во Лондон во трката на 800 метри.
Големи се очекувањата и од Американката Инглиш Гарднер, која ќе трча на 100 и четирипати по 100 метри.
На 100 метри во борбата за златен медал е и сонародничката на Болт, Шели-Ан Фрасер Прис.
Етиопјанката, Ѓензебе Дибаба, минатата година постави најдобар резултат на сите времиња во трчање на 1.500 метри (3:50.07) во Монако, со што го собори рекордот стар 22 години на Кинеската Ку Јунхиа.
По златите и бронзените медали на Светското првенство во Пекинг 2015 година, многумина веруваат дека Дибаба би можела да заземе една од првите три позиции.