Ekipa
14 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Репрезентацијата на Северна Македонија ја совлада репрезентацијата на Исланд со 3:1 на домашен терен во квалификациите за Светското првенство „Катар 2022“ и ќе игра во баражот за СП, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот дел од натпреварот одигран на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје заврши 1:0, со доминација на домаќинот со создадените повеќе шанси.
Во вториот дел од натпреварот, и покрај тоа што прими гол, Северна Македонија продолжи да доминира во играта.

Со оваа победа Северна Македонија е второпласирана во групата Ј со 18 бодови, додека Германија останува на првото место со 27 бода, обезбедувајќи директен пласман на Светското првенство.
Головите за Северна Македонија ги постигнаа Езѓан Алиоски во 7. минута и Елиф Елмас во 65. и 87. минута. Стрелец на единствениот гол на гостинската екипа беше Џон Дагур Торстеинсон во 54. минута.
Во меѓувреме со црвен картон во 79. минута беше казнет Исак Бергман Јоханесон од Исланд.
Северна Македонија по успехот што го постигна по квалификациите за ЕП „ЕВРО 2020“, веќе постигна нов историски успех со пласманот за првпат во историјата во плеј-оф фазата на Светското првенство.
Натпреварите од плеј-оф рундата ќе бидат одредени на 26 ноември со ждрепка што ќе се одржи во Цирих, Швајцарија, додека натпреварите ќе се играат на крајот на март.
Првиот шампионат во историјата на светските првенства што ќе се одржува во зима ќе започне на 21 ноември 2022 година.