Dejan Maksimoviç
02 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
РИМ (АА) - „Ќе се бориме за нашите соништа“, рече Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул пред вечерашниот реванш во полуфиналето од Лигата на шампионите против Рома. „Црвените“ од првиот натпревар имаат 5:2, по што се големи фаворити пред дуелот на стадионот „Олимпико“ во Рим, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ние сме тука да се бориме за нашите соништа. Тaка стојат работите. Сакаме да одиме во финале. Бевме многу самоуверени на „Енфилд“, имавме 5:0, а потоа примивме два гола. По натпреварот, некои луѓе имаа чувство дека загубивме, но ние не загубивме. Сè уште имаме предност од 5:2. Луѓето мислат дека Рома треба само да победи со 3:0, но тоа е прилично тешко да се постигне“, рече Клоп.
Многумина веруваат дека Рома можат да направат уште едно чудо, како во четвртфиналето против Барселона. Тогаш „Волчицата“ беше поразена со 1:4 на „Камп Ноу“, а потоа предводена од Един Џеко победи со 3:0 на „Олимпико“ и отиде во дуел со Ливерпул.
„Не сум тука да зборувам за Барселона. Во тој меч Рома беше повеќе од подготвена. Сите ни кажуваат дека тоа е тешко изводливо, но, исто така, е можно. Сепак на Барселона никој ништо не ѝ рече, бидејќи никој не помислил дека ова може да се случи. Не ми треба предупредување, и ако е така, тогаш тоа е овој натпревар. Ние сме во многу подобра ситуација отколку што мислев пред првиот натпревар, и тоа е единствената вистина“, рече германскиот тренер на клупата на „Црвените“.
Натпреварот Рома - Ливерпул ќе се игра вечерва на „Олимпико“ со почеток во 20:45 часот.
Пласман во финалето на Лигата на шампионите синоќа оствари Реал Мадрид откако на „Сантијаго Бернабеу“ одигра 2:2 со Баерн. Во првиот натпревар, „Кралскиот клуб“ славеше со 2:1. Финалето на најсилниот европски клубски натпревар ќе се одигра на 26 јуни на Олимпискиот стадион во Киев.