ИСТАНБУЛ (АА) - МУТЛУ ДЕМИРТАШТАН -
Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо, кој собори многу рекорди во фудбалскиот свет, продолжува со своите успеси да ја испишува фудбалската историјата, пишува Анадолу.
Потенцирајќи дека многупати рекордите му претставуваат извор на мотивација, искусниот фудбалер во својата 20-годишна репрезентативна кариера постави уште еден рекорд настапувајќи синоќа за селекцијата на Португалија.
Роналдо синоќа по 197. пат го носеше дресот на Португалија во натпревар од квалификациите за пласман за Европското првенство 2024 (ЕВРО 2024) против селекцијата на Лихтенштајн и го надмина кувајтскиот репрезентативец Бадер ал Мутава, станувајќи фудбалер што одиграл најголем број меѓународни натпревари за својата селекција во машки фудбал.
Први 10 играчи што одиграле најголем број натпревари за своите репрезентациите се:
| Фудбалер | Земја | Натпревари |
|---|
| 1 | Кристијано Роналдо | Португалија | 197 |
| 2 | Бадер ал Мутава | Кувајт | 196 |
| 3 | Сох Чин Ен | Малезија | 195 |
| 4 | Ахмед Хасан | Египет | 184 |
| 5 | Ахмед Мубарак | Оман | 183 |
| 6 | Серхио Рамос | Шпанија | 180 |
| 7 | Андрес Гуардадо | Мексико | 179 |
| 8 | Мохамед ал Деја | Саудиска Арабија | 178 |
| 9 | Клаудио Суарес | Мексико | 177 |
| 10 | Џанлуиџи Буфон | Италија | 176 |
- Најдобар стрелец во историјата на фудбалот -
Продолжувајќи да ги урива рекордите на зелените терени, Кристијано Роналдо се издвојува и како најдобар стрелец во историјата на фудбалот.
Искусниот играч со постигнати 830 гола во својата досегашна клупска и репрезентативна кариера, се наоѓа на врвот на листата на голгетери во светот според податоците што ги објави Меѓународната федерација за фудбалска историја и статистика (IFFHS).
- Најдобар стрелец во настапите за националните тимови -
Роналдо, кој со синоќешниот настап ја понесе и титулата фудбалер со најголем број настапи за националниот тим, во исто време е и рекордер според бројот на постигнати погодоци за репрезентацијата во светски рамки.
Роналдо, кој двапати ја затресе мрежата на Лихтенштајн, дојде до бројка од 120 погодоци постигнати за селекцијата на Португалија и се наоѓа на прво место на светската листа на голгетери пред Иранецот Али Даеи (109) и Аргентинецот Лионел Меси (99).
Роналдо е носител и на титулата фудбалер што прв успеал да постигне „хет-трик“ 10 пати во настапите за националниот тим. Португалската фудбалска ѕвезда е единствен играч што постигнал гол на пет светски првенства, а успеа да стане и најдобар стрелец во историјата на Европското фудбалско првенство со постигнати 14 погодоци.
- Најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид -
Кристијано Роналдо стана најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид постигнувајќи 450 погодоци на 438 натпревари.
Роналдо во дресот на Реал Мадрид во периодот од 2009 до 2018 година освои четири титули на УЕФА Лигата на шампиони, три ФИФА светски фудбалски клупски првенства, два УЕФА суперкупа, а ја доживеа и радоста на освојувањето на шампионската титула на шпанската Ла Лига, освојување Куп на шпанскиот крал и шпански Суперкуп.
Португалецот постигна 145 гола на 346 натпревари за англискиот тим на Манчестер Јунајтед, 101 гол на 134 натпревари за италијанскиот клуб Јувентус и пет гола на 31 натпревар за португалскиот Спортинг Лисабон.
Триесет и осумгодишниот Роналдо, кој својата фудбалска кариера ја продолжи во Саудиска Арабија, во моментов настапува за клубот Ел Наср, за кого на 10 натпревари постигна девет погодоци.
- Најдобар стрелец и фудбалер со најголем број настапи во Лигата на шампионите -
Кристијано Роналдо го испиша своето име во фудбалската историја и како најдобар стрелец на сите времиња во Лигата на шампиони на УЕФА, каде што носејќи ги дресовите на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус, постигна 140 погодоци.
Во сопственост на португалската фудбалската ѕвезда е и титулата на играч што со 183 настапи одиграл најмногу натпревари во историјата на Лигата на шампиони. На второ место и во двете категории, зад Роналдо, се наоѓа Меси, кој постигна 129 гола на 163 натпревари во Лигата на шампиони.
Роналдо во исто време е и единствен играч што постигнал погодок на три финалиња во Лигата на шампиони и со пет титули е меѓу играчите што најмногу пати ја освоиле „Лигата на гигантите“.
Во сезоната 2013-2014 Роналдо постигна 17 гола за Реал Мадрид, со што ја понесе и титулата најдобар стрелец во една сезона во Лигата на шампиони. На второ место на оваа листа повторно се наоѓа Роналдо со неговиот учинок од 16 гола постигнати во сезоната 2015-2016.
- Освоени титули за најдобар стрелец -
Кристијано Роналдо е фудбалер што најмногу пати успеал да стане голгетер во УЕФА Лигата на шампиони.
Португалецот седумпати беше најдобар стрелец во „Лигата на гигантите“. Роналдо беше најдобар стрелец на Лигата на шампиони со Манчестер Јунајтед во сезоната 2007-2008, со Реал Мадрид во сезоните 2012-2013, 2013-2014, 2014-2015, 2015-2016, 2016-2017 и 2017-2018.
Роналдо беше најдобар стрелец и во националните првенства на Англија и Шпанија. Во англиската Премиер лига Португалецот беше голгетер во сезоната 2007-2008, во шпанската Ла Лига титулата голгетер на првенството ја понесе во сезоните 2010-2011, 2013-2014 и 2014-2015 и во италијанската Серија А голгетер беше во сезоната 2020-2021.
- Колекција на награди -
Кристијано Роналдо петпати успеа да освои „Златна топка“, една од најпрестижните награди во фудбалскиот свет.
Португалскиот фудбалер, кому оваа награда првпат му беше доделена во 2008 година кога настапуваше за екипата на Манчестер Јунајтед, својата колекција ја зголеми настапувајќи за тимот на Реал Мадрид. Роналдо во дресот на Реал Мадрид наградата „Златна топка“ ја освои во 2013, 2014, 2016 и 2017 година.
Роналдо, кој двапати ја освои наградата на ФИФА за најдобар машки фудбалер во 2016 и 2017 година, четирипати ја освои наградата „Златна копачка“ што му се доделува на најдобриот стрелец на Европа (во сезоните 2007-2008, 2010-2011, 2013-2014 и 2014-2015).