Can Erözden
20 Март 2022•Ажурирај: 21 Март 2022
АНКАРА (АА) - Супер ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс, постигна 38 поени против Вашингтон Визардс и стана вториот најдобар стрелец во историјата на НБА лигата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лејкерси синоќа доживеаја пораз од Визардс со резултат 127:119 во Капитал Ван Арената во Вашингтон, но тоа беше историска ноќ за Џејмс.
37-годишниот напаѓач собра 36.947 поени во кариерата во 1.363 натпревари и ја надмина легендата на Јута Џез, Карл Мелоун, на листата најдобри стрелци во историјата на НБА.
Мелоун (58), кој беше долгогодишен напаѓач во Џез, постигна 36.928 поени на 1.476 натпревари и моментално се наоѓа на третото место.
Четирикратниот НБА-шампион Џејмс сега заостанува само зад Карим Абдул-Џабар.
Големиот НБА-играч Абдул-Џабар (74) има постигнато 38.387 поени на 1.560 натпревари и беше најдобар стрелец на сите времиња во лигата.
Поранешниот напаѓач од Мајами Хит и Кливленд Кавалирс, Џејмс, треба да постигне 1.440 поени за да го постигне рекордот на Абдул-Џабар.
Синоќа, Џејмс прикажа прекрасен перформанс за Лејкерси со 38 поени, 10 скока и шест асистенции.
Плејмејкерот на Лејкерс, Расел Вестбрук, постигна 22 поени, забележа 10 скока и осум асистенции.
Малик Монк додаде 17 поени за поразениот тим.
За Визардс седум играчи постигнаа двоцифрени погодоци.
Латвискиот кошаркар Кристапс Порзингис ги предводеше Визардс, постигнувајќи 27 поени.
Кентавиус Калдвел-Поуп од Вашингтон Визардс постигна 18 поени и забележа 10 скока.
Дуото на Визардс, Дени Авдиџа и Даниел Гафорд, постигнаа по 17 поени.
Визардс имаат скор од 30-40 победи/порази и се најдоа на 11-тата позиција на табелата на Источната конференција.
Лејкерси победија на 30 натпревари, но загубија 41 и се пласираа на деветтото место во Западната конференција.
- Резултати:
Минесота Тимбервулвс - Милвоки Бакс 138:119
Шарлот Хорнетс - Далас Маверикс 129:108
Кливленд Кавалирс - Детроит Пистонс 113:109
Вашингтон Визардс - Лос Анџелес Лејкерс 127:119.