Admir Fazlagic
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Под слоганот „Отчукување за светот“, од 14. до 25. март 2017, во Австрија ќе се одржат Зимските олимписки игри на Специјалната олимпијада за лица со интелектуална попреченост, во кои ќе учествува и делегација од Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција беше соопштено дека на овие олимписки игри, Македонија ќе учествува со тричлена делегација: спортистот Бојан Трајковски (21), тренерот Јован Јовановски и водачот на делегацијата, Аган Реџепагиќ.
Трајковски се натпреварува во дисциплината алпско скијање во слалом, велеслалом и супер велеслалом во категоријата Нов ајс, односно почетници.
Тренерот Јован Јовановски истакна дека е пријатно изненаден од напредувањето на спортистот Бојан Трајковски во скијачките вештини. Неговите очекувања на почетокот биле скромни, но како што вели, големата желба и ентузијазмот на Трајковски ги надминале очекувањата.
„Во периодот на тренинзите Бојан напредуваше одлично и јас сум оптимист дека по завршувањето на Олимпијадата, тој ќе продолжи да скија, што е добивка којашто не може да си ја дозволи секој човек“, рече тренерот Јовановски.
Спортистот Бојан Трајковски изрази уверување и желба дека ќе освои медал во Австрија. Тој рече дека тренажниот процес се одвивал на Маврово и Боровец.
Овогодишните Зимски олимписки игри на Специјалната олимпијада, на кои ќе учествуваат 2.700 спортисти и 1.100 тренери од 107 нации, а се поддржани од 3.000 волонтери, се најголемите зимски олимписки игри во историјата на Специјалната олимпијада воопшто.
Натпреварите ќе се одвиваат во три скијачки центри: Грац, Шламдинг и Рамзау ам Дахштајн, а спортистите ќе се натпреваруваат во девет дисциплини: уметничко лизгање, брзо лизгање, хокеј во сала, флорбол, одење по снег, алпско скијање, скијачко трчање, скијање на даска (сноубодинг) и стикшутинг.
Целите на овогодишните Зимски олимписки игри Австрија 2017 се: јакнење на човековите права, зголемување на бројот на учесниците во новите спортови и создавање партнерски програми.