Doğa Kırmızıoğlu
06 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
АНКАРА (АА) - Во рамките на натпреварите од американската Национална кошаркарска лига (НБА), Бруклин Нетс со 114:112 го совлада гостинот Њујорк Никс, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одиграа 7 натпревари во НБА. Екипата на Њујорк Никс на гостувањето кај Бруклин Нетс по одиграните две четвртини, на полувреме замина со предност од 10 поени, 57:67 (31:34, 26:33). Во третата четвртина Нетс прикажа извонредна игра и на крајот од оваа четвртина се избори за предност од 1 поен во своја корист 89:88 (32:21). Во последната четвртина се водеше тесна борба меѓу двата противника со благо водство на Бруклин Нетс, но гостите на 25 секунди пред крајот на натпреварот го изедначија резултатот на 112:112. Нетс го искористи својот напад и поведе со 114:112, а Џулиус Рендл не успеа со шут во последната секунда да го изедначи резултатот.
На оваа средба НБА-ѕвездата на Нетс, Џејмс Харден, само по 4 минути игра го напушти теренот без постигнат поен поради обновување на повредата.
Најзаслужен за 35. победа на Нетс сезонава беше Кари Ирвинг со 40 поени, 7 асистенции и 2 скока. Свој придонес во победата на домаќините дадоа и Џеф Грин со 23 поени и 4 скока, Џо Харис со 16 поени и 8 скока и Ализ Џонсон со 12 поени и 7 скока.
Кај Никс, кој го претрпе својот 25. пораз, најпрецизни беа Ар Џеј Барет со 22 поени и 4 скока, Реџи Булок со 21 поен, 3 скока и 2 асистенции, а Џулиус Рендл постигна трипл-дабл од 19 поени, 15 скока и 12 асистенции.
- Далас Маверикс го совлада лидерот Јута Џез -
Во дуелот на тимовите од Западната конференција, Далас Маверикс благодарение на одличната игра на Лука Дончиќ како домаќин ја совлада Јута Џез со 111:103.
Кај Маверикс, кој ја постигна 28. победа сезонава, најдобра игра прикажа Дончиќ, постигнувајќи 31 поен, 9 скока и 8 асистенции. Дориан Фини-Смит постигна 23 поени, 6 скока и 4 асистенции, Џејлен Брансон постигна 20 поени и 4 скока, Џош Ричардсон постигна 17 поени и 4 скока, додека Тим Хардавеј го заврши натпреварот со 16 поени и 5 скока.
Екипата на Јута Џез, лидерот на Западната конференција и екипа со најдобар учинок во досегашното натпреварување во НБА од 76% (38 победи, 12 порази), го доживеа својот 12. пораз сезонава. Најпрецизни кај Џез беа Мајк Конли со 28 поени и 7 скока, Донован Мичел, Џордан Кларксон и Бојан Богдановиќ со по 16 поени и Руди Гоберт со дабл-дабл од 14 поени и 15 скока.
- Резултати:
Бруклин Нетс - Њујорк Никс 114:112
Торонто Репторс - Вашингтон Визардс 103:101
Далас Маверикс - Јута Џез 111:103
Минесота Тимберволвс - Сакраменто Кингс 116:106
Оклахома Сити Тандер - Детроит Пистонс 108:132
Сан Антонио Спарс - Кливленд Кавалирс 101:125
Хјустон Рокетс - Феникс Санс 130:133.