Husamedin Gina
16 Октомври 2019•Ажурирај: 17 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Македонскиот центар за култура и развој (МЦКР), по 20-ти, јубилеен пат, ја организираат ФАРЕ Акционата недела за борба против национализмот и расизмот и сите видови насилство на спортските терени, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод ФАРЕ Акционата недела за борба против национализмот и расизмот, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, Златко Андоновски и претседателот на Македонскиот центар за култура и развој и националниот ФАРЕ-координатор, Нелко Нелковски дадоа изјава за медиумите.
Андоновски истакна дека фудбалот е игра која мора да биде достапна за секого, без разлика кој е, од каде доаѓа и од каде потекнува.
„Фудбалската федерација на Македонија дава континуирана поддршка на ФАРЕ Акционата недела. И со тоа покажуваме дека ја славиме, условно, различноста во играта. Во нашиот спорт нема место за расизам, за национализам или за каков било тип на дискриминација“, истакна Андоновски.
Нелковски, истакнувајќи дека насилството на спортските терени и насилството на трибините го тишти современиот спорт, потсети дека токму во оваа кампања, во двете соседства, и во Црна Гора и во Бугарија, имаше немили сцени.
„Можеме да кажеме дека Република Северна Македонија ја ставаме во сегментот на развиени земји кои на квалитетен начин го третираат навивањето, ги третираат навивачите и вкупниот ангажман во фудбалот и околу фудбалот. Ние сме сите големо фудбалско семејство и само обединети ќе одиме напред и ќе редиме успеси“, рече Нелковски.
ФАРЕ е мрежа, опфаќа 150.000 индивидуи, навивачи, фудбалски клубови и граѓани од цела Европа. А исто така и 2.000 организации кои оваа година, организирано, од 10 до 24 октомври во 60 земји во светот организираат активности поврзани со ФАРЕ Акционата недела.
Главната цел на кампањата на ФАРЕ е да се помогнат локалните иницијативи за да се отстрани национализмот, расизмот и дискриминацијата на фудбалските стадиони.