Yunus Kaymaz
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (AA) - ЈУНУС КАЈМАЗ -
Викендов се одиграа натпреварите во 5-те најголеми фубалски лиги во Европа, Премиер лига (Англија), Бундеслига (Германија), Ла лига (Шпанија), Серија А (Италија) и Лига 1 (Франција), пишува Агенција Анадолија (АА).
По одиграното последно коло, Ливерпул останува лидер во Англија, Реал Мадрид во Шпанија, Интер го презеде водството во Италија, Баерн Минхен е лидер во Германија и Париз Сен Жермен (ПСЖ) во Франција.
- Премиер лига -
Викендов се одиграа само три натпревари во Премиер лигата.
Екипата на Евертон под диригентската палка на италијанскиот фудбалски стручњак Карло Анчелоти на домашен терен го совлада Кристал Палас со 3:1. Шефилд Јунајтед беше поуспешен од Борнмут, совладувајќи го со резултат 2:1, додека Брајтон одигра нерешено 1:1 против Вотфорд.
Поради лошите временски услови предизвикани од бурата Кјара, вчера беше откажан натпреварот меѓу Манчестер Сити и Вест Хем Јунајтед.
По ова нецелосно фудбалско коло во Премиер лигата, Ливерпул останува лидер на табелата со 73 бода. Следуваат Манчестер Сити со 51 бод, Лестер Сити со 49, Челзи со 41 и Шефилд Јунајтед со 39 бода.
- Ла лигa -
Реал Мадрид, кој го презеде водството од Барселона, викендов, по негативата од 1:0 на гостинскиот терен во Осасуна, извојува висока победа од 1:4.
Реал Бетис на домашен терен ја пречека Барселона. Бетис на двапати беше во водство, но не успеа да му одолее на притисокот на Барселона, која со погодокот во 72. минута ги постави конечните 2:3. На натпреварот беа доделени и два црвени картона, по еден за двете екипи. Набил Фекир од Реал Бетис го доби црвениот картон во 76. минута, а Клеман Лангле од Барселона во 79. минута од натпреварот.
Хетафе на домашен терен беше подобар од Валенсија, совладувајќи ја со 3:0, а Атлетико Мадрид со минимални 1:0 ја совлада Гранада и ја презеде четвртата позиција на табелата.
По 23. коло во шпанската Ла лига, Реал Мадрид се наоѓа на врвот со 52 бода. Следуваат Барселона со 49, Хетафе со 42 и Атлетико Мадрид и Севиља со по 39 бода.
- Серија А -
Лидерот Јувентус на гостинскиот терен на Верона претрпе пораз од 2:1 и по третпат сезонава го напушти теренот без бодови.
Многу интересен дуел беше градското дерби меѓу Интер и Милан. Милан како гостин поведе со 0:2, но по пресвртот во второто полувреме Интер успеа да дојде до победа, совладувајќи го Милан со 4:2 и благодарение на подобрата гол-разлика ја зазеде лидерската позиција во Серија А.
Парма на домашен терен со минимални 0:1 загуби од Лацио.
По 23. коло во Серија А, Интер со 54 бода се наоѓа на првото место пред Јувентус, благодарение на подобрата гол-разлика. Следуваат Лацио со 53, Аталанта со 42 и Рома со 39 бода.
- Бундеслига -
Викендов во Бундеслигата се одигра дербито меѓу двете првопласирани екипи. Баерн Минхен на домашен терен ја пречека екипата на Лајпциг. Натпреварот заврши без погодоци 0:0.
Баер Леверкузен на домашен терен ја пречека екипата на Борусија Дортмунд. Гостите на двапати имаа предност на натпреварот, но домаќините успеаја да извојуваат победа од 4:3 и на своето конто да стават уште 3 бода. Натпреварот меѓу Борусија Менхенгладбах и Келн е одложен поради силното невреме предизвикано од бурата Сабина.
По 21. коло во Бундеслигата, лидер на табелата е Баерн Минхен со 43 бода. Следуваат Лајпциг со 42, Борусија Дортмунд и Борусија Менхенгладбах со по 39 и Баер Леверкузен со 37 бода.
- Лига 1 -
Екипата на ПСЖ на домашен терен го совлада Олимпик Лион со резултат 4:2.
Второпласираниот Олимпик Марсеј со минимални 1:0 на домашен терен го совлада Тулуз, а Рен и Брест одиграа без погодоци 0:0.
ПСЖ по 24. коло во француската Лига 1 се наоѓа во водство со 61 бод. Следуваат Олимпик Марсеј со 49, Рен со 41, Лил 40 и Монпелје со 37 бода.