Admir Fazlagic
04 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими европските шампиони, ракометарите на РК Вардар, коишто по вторпат ја освоија титулата Европски првак, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека тој изразил задоволство од исклучително големиот успех на ракометарите.
„Би сакал сите вас да ве пофалам за вашето однесување, секој од вас имаше исклучителен настап и на спортскиот терен, и надвор од него, со што ја покажавте вашата голема човечност. Најголемиот дел од вас не се родени овде, но на многумина коишто се родени овде, им одржавте лекции по патриотизам. Покажавте дека сте врвни спортисти и врвни луѓе, ова второто за мене отсекогаш било поважно од она првото. Ви благодарам за тоа“, рече претседателот Пендаровски.
Во соопштението се наведува дека претседателот им честитал на ракометарите и за тоа што не потклекнале на одредени обиди за политизација и комерцијализација на нивниот успех. Напротив, како што рекол, од почетокот, до крајот на спортскиот поход, покажале дека не се ничија сопственост, туку дека се дел од клубот, од градот, од државата и од нацијата.
„Оваа држава никогаш нема да заборави што направивте за неа, и кога ќе играте за други држави, за други клубови, оваа држава секогаш ќе биде ваш дом. Овде никогаш нема да бидете третирани како странци, со сѐ што направивте покажавте дека не сте странци, туку дека сте наши и дека сите сме едно. Сите во Европа сега говорат не само за клубот, туку и за државата“, рече претседателот Пендаровски.
Голема благодарност за убавите зборови и искажаните пофалби изрази сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко. Тој рече дека клубот и во иднина упорно ќе се стреми кон поголеми успеси.
Ракометарите, во Кабинетот на претседателот „Вила Водно“ го донесоа европскиот пехар, а на претседателот Пендаровски, како спомен, му дадоа дрес од клубот со број 1 и топка со нивни потписи. Потписот на претседателот Пендаровски, пак, е на топката која тој им ја подари, посакувајќи им натамошен успех на професионален и на личен план.
Ракометарите на Вардар претходно денеска се состанаа и со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев. Премиерот од свое лично име, од име на членовите на Владата на ракометарите на Вардар им додели плакета како знак за признание за освоената титула, Европски првак во Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација за 2019 година.
Ракометарите на РК Вардар на 2 јуни ја освоија титулата Европски првак, откако во финалето на завршниот турнир во финалето на Лигата на шампионите во Келн, Германија, го совладаа унгарскиот ракометен клуб Веспрем.
Ова е втора титула која во Лигата на шампионите ја освои Вардар. Првата шампионска титула „црвено-црните“ ја освоија во јуни 2017 година.