Ekipa
23 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
ЛЕВИ
Американската скијачка Микаела Шифрин ја продолжи новата сезона од местото на кое застана во претходната, во која извојува 17 победи. Имено, Шифрин денес победи на слаломската трка што се возеше во финскиот град Леви, со што дојде до својата 41. победа, соборувајќи го рекордот на легендарниот шведски скијач, Ингемар Стенмарк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Светскиот рекорд на Стенмарк од 40 победи во слаломски трки од Светскиот куп беше актуелен дури 32 години, но Шифрин успеа конечно да го собори.
„Не чувствувам некои особени емоции, едноставно среќна сум. Задоволна сум како скијав на првата слаломска трка сезонава“, изјави Шифрин, која секогаш истакнува дека не им обраќа премногу внимание на рекордите.
Второто место на трката во Леви го освои Швајцарката Венди Холендер, која зад победничката заостана 1,78 секунди, додека третопласираната Австријка Катарина Трупе заостана 1,94 секунди.