Dejan Maksimoviç
10 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, упати индиректно предупредување до Интер, Јувентус и Реал Мадрид дека нема да продава играчи за време на летниот преоден период, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Црвените ѓаволи“ се наоѓаат на подготовки во австралиски Перт, од каде што Солскјер порача дека атмосферата во тимот е прекрасна и дека има доволно добри играчи за наредната сезона.
Од друга страна, од почетокот на преодниот рок, британските, италијанските и шпанските медиуми го селат Пол Погба во Јувентус или Реал Мадрид, а Ромелу Лукаку во Интер. Истото се обидува да го направи и агентот на Погба, Мино Раиола, кој во неколку наврати изјави дека францускиот репрезентативец сака да го напушти Олд Трафорд.
„Погба никогаш не се издвојуваше од тимот. Секогаш за тоа даваше сè од себе и не можам да ви кажам ништо освен дека агентите постојано зборуваат. Не можам тука да седам да зборувам за Погба, и за тоа што зборуваат агентите. Имаме уште неколку години од неговиот договор и тоа ќе биде фантастично“, изјави Солскјер и продолжи:
„Колку што јас знам, не добивме никакви понуди за нашите играчи. Ние сме Манчестер Јунајтед, не мораме да продаваме играчи, но ни да ги натплатуваме кога ги носиме. Мора да имате вистински играчи по вистинска цена. Ако го погледнете нашиот тим, сега имаме доволно добри играчи“.
Манчестер Јунајтед во досегашниот тек на преодниот рок го доведе Даниел Џејмс од Свонси за 15 милиони евра и Арон Ван-Бисака од Кристал палас за 56 милиони. Клубот го напуштија Андер Ерера (ПСЖ) и Антонио Валенсија (ЛДУ Кито).