Şenhan Bolelli
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
МАДРИД
Во финалето на Дејвис куп натпреварувањето што се одржа во Шпанија, домаќините ја победија селекцијата на Канада и по шести пат го освоија овој куп, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во периодот од 18 до 24 ноември во Мадрид се одржа финалето на Дејвис купот. Во целокупното натпреварување на овој тениски турнир на национално ниво учествуваа 18 репрезентации, а во финалето се сретнаа репрезентациите на Шпанија и Канада.
Селекцијата на Канада која за првпат стигна до финалето на овој тениски турнир, не успеа да пружи голем отпор против Шпанија која ја имаше поддршката на публиката.
Во првиот натпревар за Шпанија настапи Роберто Баутиста Агут, а боите на Канада ги бранеше Феликс Оже Алjaсим. Баутиста победи со 2:0 (7-6, 6-3) и ѝ донесе водство од 1:0 на Шпанија.
Баутиста го напушти кампот на Шпанија поради смртта на својот татко, а по погребот се врати на теренот во финалето на Дејвис купот.
Во вториот натпревар во рамките на финалето настапи тениската ѕвезда, Шпанецот Рафаел Надал, а негов противник беше Дениз Шапавалов. Надал извојува победа од 2:0 (6-3, 7-6), и без да се игра натпреварот во парови, Шпанија ја освои титулата шампион на Дејвис купот.
Според правилата на турнирот, прво се играат натпреварите во поединечна конкуренција. Доколку по овие два дуела натпреварот е нерешен, тогаш се игра во парови, меч кој го одредува победникот на Дејвис купот.
Шпанецот Рафаел Надал кој е рекет број 1 на светската АТП ранг-листа, во текот на целото финале со перформансот што го покажа, беше предводник во победата на Шпанија.
Капитен на репрезентацијата беше Серхи Бругера, а покрај Рафаел Надал и Роберто Баутиста, боите на шпанската селекција ги бранеа Фелисиано Лопез и Марсел Гранолерс.
Од друга страна, организацијата на овогодишниот Дејвис куп е спроведена од страна на групацијата која е во сопственост на фудбалерот на Барселона, Жерард Пике.
Во финалето на Дејвис купот, во публиката се најдоа и кралот на Шпанија, Фелипе VI, потоа Жерард Пике и играчот на Реал Мадрид, Хамес Родригес, а пејачката Шакира одржа мал концерт.