Dejan Maksimovic
12 Јули 2020•Ажурирај: 13 Јули 2020
ТОРИНО (АА) - Џијанпјеро Гасперини, тренерот на Аталанта, беше разочаран по синоќешното реми 2: 2 во Торино, во кое лидерот Јувентус постигна голови од два пенали. По средбата тој изјави дека вакви пенали се досудуваат само во Италија и никаде на друго место, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Двата пенала ги реализираше Кристијано Роналдо и ја спаси „старата дама“ од пораз и неизвесност во борбата за титулата шампион на Италија. Аталанта водеше двапати и беше подобар ривал, но тоа не беше доволно да го комплетира изненадувањето во Торино.
„Ова се правилата, но добро, тие се секако над сите правила во Италија. Што требаше да сториме? Да им ги отсечеме рацете. Не е тоа првиот ваков пенал, имаше многу такви во текот на целата сезона, со многу тимови. Ова е лудило и толкувањето на правилата не е исто овде и на друго место. Во други земји не се досудуваат такви пенали. Тука се такви правилата, во ред“, изјави налутено Гасперини за италијанските медиуми.
Аталанта доминираше во поголемиот дел од играта, особено во првото полувреме, а двапати водеше преку Дуван Запата и Руслан Малиновски.
„Тоа беше одличен настап против лидерот во Серијата А. Им кажав на момчињата тоа да го третираат како натпревар од Лигата на шампиони, затоа што во август ќе се соочиме со тимови на тоа ниво. Успеавме во сè што зацртавме. Јас сум многу задоволен од покажаното и многу разочаран што не победивме. Водевме до последната минута и направивме сè за да ја заслужиме победата. Рековме дека пласманот во Лигата на шампионите втора година по ред е нашата крајна цел, па дали ќе бидеме трети или втори е прашање на престиж, но целта останува иста“, заклучи Гасперини.
Шест кола пред крајот на Серијата А, клубот од Торино е лидер на табелата со 76 бода, а потоа следуваат Лацио со 68, Аталанта со 67 и Интер, кој има натпревар помалку, со 65 бода.