Mutlu Demirtaştan
09 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
ТОКИО (АА) - Јапонија соопшти дека трошоците за организирањето на Олимписките игри - Токио 2020, се приближиле до бројката од 25 милијарди долари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот подготвен од страна на јапонскиот финансиски надзорен орган, се вели дека досега за подготовките на Олимпијадата - Токио 2020, се потрошени близу 25 милијарди долари, и додаде дека до завршувањето на подготовките, бројката уште повеќе ќе се зголеми.
Во 2013 година, кога Јапонија беше избрана за организатор на Олимпијадата, се предвидуваше трошоците да изнесуваат 7,3 милијарди долари.
Поранешниот претседател на Организацискиот комитет на Олимписките игри - Токио 2020, Јоширо Мори и гувернерот на Токио, Јурико Коике, претходно, во заедничка изјава соопштија дека како организатор на игрите, Јапонија одвоила буџет од 13 до 15 милијарди долари.
Истражната комисија која ги испитува трошоците околу Олимпијадата, имаше дадено предупредување дека доколку не се преземат мерки, трошоците на Јапонија како организатор на Олимпијадата би ја надминале вредноста од 30 милијарди долари. По овие предупредувања, се планира трошоците да се намалат со одлуката според која натпреварите во кајак, кану, пливање и одбојка ќе се организираат во постоечките објекти.