Dzihat Aliju
20 Август 2016•Ажурирај: 21 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ
Првиот и единствениот Албанец од Македонија кој станал олимписки шампион, Шабан Трстена вели дека успешната историја не се пишува само во една минута, туку за тоа е потребна интензивна работа и самодоверба.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), некогашниот борач Трстена присетувајќи се на спомените и успесите, вели дека на Олимписките игри учествувал со минимални услови и дека почнувајќи од светските и европските првенства од многу турнири има постигнато успеси.
Наведувајќи дека за учество на Олимпските игри во 1984 година во Лос Анџелес требало да изгуби 12 килограми и дека за оваа цел многу се трудел, Трстена рече дека на 19 години, на многу рана возраст успеал да го добие златниот медал победувајќи многу силни противници како што се Американците, Јапонците и Турците.
За оние што кажуваат дека овој негов успех е среќа, Трстена истакнува дека неговите контитунирани успеси на Олимписките игри докажуваат дека не се во право.
„Олимписките игри одржани во Москва во 1980 беа бојкотирани од страна на САД и од некои други држави. Потоа Советскиот Сојуз ги бојкотираше Олимписките игри одржани во 1984 во Лос Анџелес. Во 1984 беше кажано дека мојот успех е постигнат благодарение на бојкотот на Советскиот Сојуз. Но, можам да кажам дека ова немаше никакво влијание. Продолжив со успесите и на следните Олимписки игри, во 1988 година", вели тој.
Раскажувајќи за успехот во 1984 година, кога во полуфиналето се сретна со индискиот противник, Трстена додаде дека не спиел 24 часа поради противникот што го поразил за само една минута и 20 секунди.
За него почитувањето на спортистите е многу важно, за себе вели дека иако станал олимписки шампион, тој бил игнориран.
„Кога се вратив од САД, не ме чекаа ниту 20 лица. Повеќето беа мои роднини и семејството. Исто така се случи при враќањето од Сеул. Во тоа време, ни беше правена целосна дискриминација", рече Трстена.
- Мајлинда Келменди е вистински спортист
Трстена истакна дека на Олимписите игри 2016, коишто се одржуваат во бразилскиот град Рио де Жанеиро, освојувањето на првиот златен медал на џудистката Мајлинда Келменди од Косово е голем успех. Тој додаде дека таа е вистински спортист во чии успеси бил сигурен.
„Јас сум првиот Албанец што некогаш освоил златен медал на Олимписките игри. Но ова не можеше засекогаш да остане така. Секогаш се зборуваше дека нема да се роди некој што ќе го надмине Шабан. Многу малку време по независноста, Мајлинда Келменди на својата земја ѝ донесе златен медал. Ова е двојна гордост, затоа што таа му покажа на светот дека и жените Албанки можат да бидат олимписки шампиони. Но, мораме да ги почекаме следните Олимписки игри за да го видиме истиот успех на некој од мажите. Јас секогаш ја следев и бев сигурен дека ќе победи. Не е спортист што се рекламира и што зборува. Таа е вистински спортист и таа тоа го докажа", наведува Трстена.
Исто така, тој истакна дека немал можност да тренира или да одгледува спортисти што ќе се крунисат со успеси и дека младите кои сакаат да бидат успешни во својата област треба работата да ја сакаат од срце.
„Ако сакате, успехот ќе дојде од срцето. Но, не очекувајте да дојде преку ноќ. Потребни се многу труд и работа за да се стекнете со титулата Олимписки шампион", смета тој.
Шабан Трстена е роден во Скопје на 1.1.1965 година. Во 1984 година на Олимписките игри во Лос Анџелес доби златен медал во категоријата до 52 килограми, а пак во 1998 година на Олимписките игри во Сеул во истата категорија доби сребрен медал. Покрај ова, Трстена во 1982 година на Светското првенство доби бронзен медал, а во 1984 и во 1990 година на Европското првенство има добиено златен медал.