Zehra Ulucak
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
САО ПАОЛО (АА) - Претседателот на Олимпискиот комитет на Бразил (COB), Карлос Нузман, уапсен е во Рио де Жанеиро поради сомнеж дека подмитил членови на Меѓународниот олимписки комитет (IOC) за Рио де Жанеиро да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Бразилските официјални лица потврдија дека Нузман е приведен во рамките на истрагата наречена „Неправедна игра“, поради вмешаност во купувањето гласови од членовите на Меѓународниот олимписки комитет.
Наведено е дека освен Нузман, приведен бил и неговиот прв соработник Леонардо Грајнер.
Нузман минатиот месец беше приведен и сослушан во полиција. Во неговиот дом е извршен претрес, а потоа му е одземен пасошот. Тој тогаш ги негирал обвиненијата против него.
Обвинителката Фабијана Шнајдер претходно изјави дека еден од најважните докази во оваа истрага е пронајден на 29 септември 2009 година.
Се работи за паричен трансфер од два милиони долари, кој преку компанијата „Matlock Capital Grupe“ (Метлок капитал груп) од Мајами е уплатен на Папа Масата Дијак, син на поранешниот член на Меѓународниот олимписки комитет, Ламин Дијак.