Yunus Kaymaz
05 Декември 2021•Ажурирај: 05 Декември 2021
АБУ ДАБИ
Британскиот возач во Формула 1, Луис Хамилтон, кој настапува за тимот на Мерцедес, во трката за пол-позициите го извозе најбрзиот круг и ја освои стартната позиција на 21. трка сезонава во Формула 1 што се вози за Големата награда на Саудиска Арабија, известува Агенција Анадолија (АА).
Во трката за пол-позициите на патеката во Џеда, долга 6.174 метри, Хамилтон имаше најдобар резултат и ја освои 103. стартна позиција во својата кариера.
Британецот оствари време од 1 минута 27 секунди и 511 делови од секундата, а второпласиран е неговиот клупски колега, Финецот Валтери Ботас, кој зад Хамилтон заостана 111 делови од секундата.
Третата стартна позиција на трката во Саудиска Арабија му припадна на Макс Верстапен од тимот на Ред Бул Хонда, со заостанување од 142 делови од секундата зад Хамилтон.
Стартот на трката за Големата награда на Саудиска Арабија е закажан за денес со почеток во 18:30 часот.
Макс Верстапен од тимот на Ред Бул Хонда сезонава извојува победи на девет трки, а Луис Хамилтон од Мерцедес, актуелниот шампион во Формула 1, победи на седум трки. По една победа во Формула 1 оваа сезона извојуваа Серхио Перез (Ред Бул Хонда), Естебан Окон (Алпин), Даниел Рикардо (Мекларен-Мерцедес) и Валтери Ботас (Мерцедес).
Мерцедес како тим во досегашните трки постигна осум победи, додека тимот на Ред Бул Хонда победи на 10 трки.
Пласманот на првите пет возачи и тимови во Формула 1 пред трката за Големата награда на Саудиска Арабија изгледа вака:
Возачи
1. Макс Верстапен (Холандија): 351,5 поени
2. Луис Хамилтон (Велика Британија): 343,5 поени
3. Валтери Ботас (Финска): 203 поени
4. Серхио Перез (Мексико): 190 поени
5. Ландо Норис (Велика Британија): 153 поени
Тимови
1. Mерцедес: 546,5 поени
2. Ред Бул: 541,5 поени
3. Ферари: 297,5 поени
4. Мекларен: 258 поени
5. Алпин: 137 поени