Oktay Özden
28 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
АНТАЛИЈА - ОKTAJ ОЗДЕН -
Претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Агим Адеми, истакна дека е многу задоволен од организацијата на фудбалскиот Суперкуп што се одржа во Анталија, додавајќи дека отсега натаму, можно е оваа организација да премине во традиција.
Адеми кој пристигна во Анталија заради организацијата на Суперкупот на Косово, за АА изјави дека Турција ја гледа како братска земја.
Нагласувајќи дека народот на Косово многу добро ја познава Анталија и дека оттаму се родила идејата финалето на косовскиот фудбалски Суперкуп да се игра во овој град, Адеми потсети дека благодарение на Фудбалската федерација на Турција, на 23 јануари, на стадионот „Титаник Мардан“ е одигран Суперкупот на кој фудбалскиот клуб Дрита со резултат 3:1 ја совлада Приштина.
Изразувајќи го своето големо задоволство од организацијата, Адеми рече: „И за нас беше многу подобро што косовските екипи се наоѓаат во Анталија. За првпат финалето на Суперкупот го организиравме во странство. За првпат финалето на Суперкупот се одигра во Анталија. Фудбалските клубови се многу задоволни и можно е да ја продолжиме организацијата на Суперкупот во Анталија и во наредните години.“
- „И ние, исто така, ги следевме мерките на претпазливост“ -
Зборувајќи дека по кампот во Турција ги очекува интензивна програма на натпревари во нивната земја, претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Адеми, рече дека посакува сите фудбалери без никаква повреда да се вратат на Косово.
Упатувајќи пофалби за спроведените мерки против новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Турција, Адеми истакна: „Секоја земја има свои правила. Мерките против коронавирусот во Турција се спроведуваат многу професионално. И ние, заедно со сите наши клубови ги почитуваме мерките. Посакуваме, што е можно поскоро да се ослободиме од оваа епидемија на коронавирусот.“
Мехмет Хакан Онкур, претседател на Управниот одбор на компанијата „Фанатик тур“, која ја презеде организацијата на Суперкупот на Косово, го изрази своето задоволство што за првпат е спроведена ваква организација во Турција.
Укажувајќи дека за време на паузата во фудбалските лиги низ Европа, голем број тимови од Русија и Косово пристигнале во Анталија, Онкур истакна: „Во соработка на Фудбалската федерација на Косово и Фудбалската федерација на Турција, за првпат во Анталија го организиравме финалето на Суперкупот на една странска земја. Тоа за нас беше возбудлива и успешна организација. Среќни сме. Не е лесно да се донесат такви настани во Турција.“