Fahri Aksüt
14 Февруари 2020•Ажурирај: 16 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Сите 42 лица што беа во карантин во Турција по евакуацијата од Вухан, Кина, денес се отпуштени од болница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, истакна дека ниту едно од лицата, од кои 32 турски државјани, шест државјани на Азербејџан, тројца на Грузија и еден државјанин на Албанија - не покажале никакви знаци на „Ковид-19“, болест предизвикана од смртоносниот коронавирус.
„Во согласност со препораките на Турската научна комисија, 42-те лица беа сместени во карантин 14 дена, и сега се отпуштени од болница“, изјави министерот Коџа за новинарите.
Тој нагласи дека биле спроведени повеќе тестови за да се утврди дека никој од нив не е носител на новиот коронавирус, познат како „2019-nCoV“.
Со специјален воен авион испратен од Турција 42-те лица беа евакуирани од Вухан, епицентарот на коронавирусот, на 1 февруари.
Медицинскиот персонал, воениот персонал и репортерите што беа дел од мисијата за евакуација беа ослободени од карантин на 11 февруари.
Според Националната здравствена комисија на Кина, бројот на смртни случаи предизвикани од „Ковид-19“ во земјата достигна 1.381, со 63.851 потврден случај со вирусот.
Вирусот се рашири во над 20 земји, но само три смртни случаи се регистрирани досега надвор од континентална Кина, по еден во Јапонија, Хонконг и на Филипините.
Светската здравствена организација го прогласи вирусот за глобална здравствена опасност.