Şenhan Bolelli
28 Октомври 2021•Ажурирај: 28 Октомври 2021
МАДРИД (АА) - Шпанскиот фудбалски клуб Барселона го разреши холандскиот тренер Роналд Куман, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави фудбалскиот клуб Барселона се наведува „Клубот Барселона вечерва го разреши Роналд Куман, тренерот на првиот тим. Претседателот на клубот, Жоан Лапорта, лично му ја соопшти одлуката по поразот од Рајо Ваљекано.“
Информирајќи дека Куман ќе се прости од тимот во клупските објекти в четврток, фудбалскиот клуб Барселона му се заблагодари на холандскиот тренер за работата и му посака успех во понатамошната кариера.
Во моментов Барселона е на деветто место во шпанската фудбалска Ла лига со 15 бода, постигнувајќи четири победи, три нерешени и три порази на 10 одиграни натпревари во досегашниот тек од сезоната.
По поразот од Реал Мадрид со 2:1 во мечот одигран минатиот викенд, каталонскиот тим синоќа на гости загуби со 1:0 од Рајо Ваљекано.
Куман, кој беше тренер на Барселона околу 15 месеци, го предводеше тимот на вкупно 67 натпревари, на кои извојува 39 победи, претрпе 16 порази, а 12 средби завршија без победник.
Куман минатата сезона со Барселона го освои Купот на кралот.
Шпанскиот печат тврди дека Чави Ернандез е најсилниот кандидат кој би можел да го замени Куман на тренерската позиција во Барселона.