Dejan Maksimoviç
19 Јули 2018•Ажурирај: 20 Јули 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот фудбалски сојуз (HNS) објави дека ќе испрати 12 дресови на репрезентацијата на тајландските момчиња кои неодамна беа спасени од пештерата, во која со недели беа заробени поради монсунските дождови, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По враќањето на хрватската фудбалска репрезентација од Светското првенство во Русија, Хрватскиот фудбалски сојуз и претседателот Давор Шукер донесоа одлука за испраќање на 12 дресови на новопечените „светски прваци“, младите фудбалери од Тајланд, кои кон крајот на јуни, поради монсунските дождови останаа заробени во пештера. Момчињата на возраст меѓу 11 и 16 години и нивниот тренер чекаа спасување повеќе од две недели, а конечната операција на извлекување траеше три дена, при што, еден спасувач го загуби својот живот“, наведуваат од Хрватскиот фудбалски сојуз.
Се додава дека на Хрватскиот фудбалски сојуз му е мило што младите фудбалери закрепнуваат добро и им подарува дресови во знак на внимание за тешката ситуација која ја преживеаја, како и за продолжување на поддршката која им беше укажана откако се случи несреќата.