Hüseyin Burak Demirer
02 Февруари 2023•Ажурирај: 03 Февруари 2023
АНКАРА (АА)
– Хусеин БУРАК ДЕМИРЕР
Челси, кој минува низ тежок период во англиската Премиер лига, беше клубот кој потроши најмногу во зимскиот преоден рок, јавува „Анадолу“.
Заврши преодниот рок во водечките лиги на европскиот фудбал во Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција.
Челси, кој рускиот бизнисмен Роман Абрамович го продаде минатата година на конзорциум предводен од Тод Боли од САД, го презеде водството меѓу екипите кои потрошија најмногу во зимскиот трансфер-рок.

Откако клубот го смени сопственикот, Челси, кој не можеше да ги исполни очекувањата под водство на Греам Потер, го „отвори кесето“ за да го зајакне својот тим.
Екипата од Лондон, која по 21. коло во Премиер лигата е на 10. место со 21 бод, потроши 329,5 милиони евра за вкупно осум трансфери и позајмици.
Според податоците на „Трансфермаркт“, Челси платил 121 милион евра на Бенфика за Енцо Фернандез, 70 на Шахтјор Доњецк за Михаил Мудрик, 38 милиони евра на Монако за Беноа Бадијашиле, 35 на ПСВ за Нони Мадуеке, 30 милиони евра на Лион за Мало Густо, 12,5 милиони на Васко да Гама за Андреј Сантос, 12 на Молде за Давид Датро Фофана и 11 милиони евра на Атлетико Мадрид за позајмица на Жоао Феликс.
Девет од десет европски клубови кои потрошиле најмногу пари во јануари се од Премиер лигата. Саутемптон и Арсенал следуваат по Челси, кој потроши петпати повеќе од својот најблизок ривал.
Борејќи се за опстанок во Премиер лигата, Саутемптон потроши 63,25 милиони евра, додека Арсенал, кој е на врвот на табелата, потроши 60,3 милиони евра.
Единствениот француски клуб во првите 10 европски клубови е Олимпик Марсеј кој го зазеде осмото место со потрошени 40 милиони евра за трансфери.
Вака изгледа листата на десетте европски клубови кои потрошија најмногу пари во зимскиот преоден рок 2022/2023:
| Клуб | Земја | Потрошени (евра) |
| 1 | Челси | Англија | 329,5 милиони |
| 2 | Саутемптон | Англија | 63,25 милиони |
| 3 | Арсенал | Англија | 60,3 милиони |
| 4 | Борнмут | Англија | 56,2 милиони |
| 5 | Њукасл Јунајтед | Англија | 49,35 милиони |
| 6 | Ливерпул | Англија | 42 милиони |
| 7 | Лидс Јунајтед | Англија | 41,2 милиони |
| 8 | Олимпик Марсеј | Франција | 40 милиони |
| 9 | Волверхемптон | Англија | 38,5 милиони |
| 10 | Лестер Сити | Англија | 31 милион |
Најголемиот трансфер во зимскиот период го оствари Челси, кој во своите редови од португалска Бенфика го доведе аргентинскиот играч за врска, Енцо Фернандез.
Челси, кој на Бенфика ѝ плати 121 милион евра за 22-годишниот Фернандез, го собори англискиот рекорд кој го држеше Манчестер Сити, откога го купи Џек Грилиш летото 2021 година за 117,5 милиони евра.