Yıldız Nevin Gündoğmuş
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Форумот за животна средина што Агенција Анадолија (AA) го организира со цел да се подигне свеста за климатската криза и за еколошките прашања, со главна тема „Одново обликување на наративот на животната средина и климатски кризи“ ќе се одржи на 20 октомври во Истанбул, известува Агенција Анадолија (АА).
Организиран со цел непристрасно да се разговара за прашања како што се неопходноста од создавање нов медиумски јазик по прашањата за животната средина и климата, подигање на глобалната свест на меѓународните новински агенции, должностите на традиционалните и новите медиумски организации, следењето на еколошката свест во новите области за вести и воспоставување на односот медиум-средина врз здрава основа, Форумот за животна средина ќе се одржи во хотелот Ренесанс Полат Истанбул во населбата Бакирќој.
На отворањето на Форумот на кој свои обраќања ќе имаат и претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации за Туркије, Луиза Винтон, и заменик-извршниот директор на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, Овејс Сармад, со видеопорака ќе се приклучи и директорот за комуникации на турското Претседателство, Фахретин Алтун.
Првата сесија на форумот под наслов „Одговорноста на медиумите во климатските промени“, на која како говорници ќе земат учество претставници на локални и странски невладини организации и меѓународни организации, политичари, академици и претставници на медиумите, ќе се одржи под модерација на заменик-генералниот директор и главен и одговорен уредник на АА, Јусуф Озхан.
Форумот, што ќе продолжи со сесиите „Чиста енергија за одржлив развој“, „Пристапот на медиумите кон природните катастрофи“, „Климатска криза и споделување на одговорноста“, ќе се фокусира на прашањата како што се климатските промени, енергијата, ставот на медиумите за климатските промени и еколошката едукација.
Меѓу говорниците на форумот се и потпретседателот на Република Туркије, Фуат Октај, и министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум.
Завршното обраќање на Форумот за животна средина што го организира АА се очекува да го одржи првата дама на Туркије, Емине Ердоган, пионерка на проектот „Нула отпад“ и сопруга на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Меѓу меѓународните учесници на Форумот за животна средина на АА се и Бруно Масаеш, поранешен министер за европски прашања на Португалија и политиколог, Овејс Сармад, заменик-извршен директор на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, Стефано де Алесандри, генерален директор на италијанската новинска агенција АНСА, Питер Пренгаман, уредник на Уредот за глобална клима и животна средина на меѓународната новинска агенција АП, и Артуро Ларена, директор за клима на шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Форумот на АА за животна средина може да се следи во живо со пријавување на веб-страницата „https://environment.aa.com.tr“.