Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Во моментов Турција е домаќин на 3,58 милиони Сиријци, додека над 400.000 се вратиле во својата земја, покажуваат официјалните податоци на турското Министерство за внатрешни работи соопштени денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека Турција сè уште згрижува најмногу сириски бегалци од која било друга земја во светот, според податоците, нејзините прекугранични антитерористички операции во северна Сирија, кои започнаа од 2016 година, од друга страна овозможија стотици илјади Сиријци од Турција да се вратат во татковината.
На месечниот брифинг, портпаролот на турското Министерство за внатрешни работи, Исмаил Чатакли, исто така ги презентираше најновите податоци во врска со антитерористичките операции во земјата во текот на месец април.
„Во април спроведени беа вкупно 8.163 операции во руралните области, меѓу кои три големи операции, 27 операции од среден опсег, додека во градовите беа спроведени вкупно 252 операции“, рече Чатакли.
Потенцирајќи дека терористичката организација ЈПГ/ПКК ги бележи своите најлоши бројки на регрутирани досега, рече дека од почетокот на годинава успеала да привлече само 13 нови припадници.
Во последните години, Турција бележи голем успех во операциите против терористичката ЈПГ/ПКК, преку кампањата на убедување на нивните припадници да се предадат.
Чатакли додаде дека во антитерористичките операции во месец април неутрализирани се 37 терористи.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, одговорна е за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои има и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.