Kübra Chohan
09 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција ја оцени како несреќен потег синоќешната одлука на американскиот претседател, Доналд Трамп, за еднострано повлекување на САД од меѓународниот договор со Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција отсекогаш се залагала за дијалог и преговори како единствен можен начин за надминување на спорот околу иранската нуклеарна програма и вложи многу напори во таа насока“, се вели во соопштението на турското Министерство.
Во соопштението на турското Министерство се потсетува дека меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, под називот Заеднички и сеопфатен акционен план (JCPOA), е прифатен во 2015 година, и се наведува дека тоа е показател оти со дијалог може да се решаваат и најсложените прашања.
Министерството, исто така, наведе дека Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) со периодични извештаи потврди дека Иран се придржува до договореното во договорот.
„Во тој контекст, американската одлука за повлекување од договорот ја сметаме за несреќен потег“, се наведува во соопштението.
Официјална Анкара порача дека договорот мора да се заштити и да се продолжи со неговата имплементација под контрола на IAEA.
Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, порача дека одлуката на Трамп за повлекување на САД од договорот со Иран ќе предизвика нестабилност, но дека договорот ќе биде зачуван со напорите на другите страни во договорот.
И турскиот министер за Европска Унија, Омер Челик, порача дека одлуката на Трамп ќе им ја отвори вратата на многу лоши текови во регионот.
„САД одлучија да заземат спротивен став од сите свои сојузници, бидејќи нема докази дека Иран ги крши одредбите на договорот. Ова е време кога ни е потребен поголем дијалог“, порача Челик.